Словенија, се мењаме?

Веста е тазе словенечка сол на стара ама постојано обновувана македонска рана. А таа гласи дека пратеник во парламентот на Република Словенија поднел оставка затоа што украл - пази богати - сендвич. Чекајте, не е тоа сè. Веста не е само во баналноста на украденото туку и во тоа што - не го украл.

Дариј Крајчиќ поднесе оставка на функцијата пратеник откако неговата приказна за сендвичот која ја раскажувал како анегдота, стана јавна и - комплетно необјаснива за наши стандарди.

Тој во супермаркет бил вџашен што касиерките си прават муабет и не го рецкаат ни  два посто па откако си подремал на каса, решил да излезе со сендвичот без да го плати, чисто да види. Никој не го забележал тоа, ни касиерките, ни обезбедувањето. Откако никој не го збркал ниту викнал по него, се вратил во маркетот и го платил сендвичот.

Го раскажувал тој ова на свои колеги од парламентот како „социјален експеримент“ но приказната доаѓа до јавноста, тој прво се извинува за сторениот „криминал“ а на крајот - поднесува оставка.

Шефот на неговата пратеничка група ( се работи за листата на Марјан Шарец), рече дека извинувањето и оставката на 54 годишниот Крајчиќ (кој во парламентот влезе во септември 2018), се сосема примерни на етичките стандарди на оваа парламентарна група. 

*****

 

15 февруари 2019 - 09:02