Со 57%, последниве избори во Грција имаа најниска излезност со децении. Нова Демократија зема 39,8% но не дека некој е вистински инспириран. Ветија дека со булдожерски зафати ќе ја рушат бирократијата но тоа е партија која повеќе потсетува на здивот на минатото отколку на некој свеж ветар од иднината. НД е партија на естаблишментот која ја водеше земјата до 2015 година. И самиот премиер Киријакос Караманлис е член на стара политичка династија, a беше министер во 2013-2015 година кога земјата ја голташе економската криза.
Причините за поразот на Сириза се повеќеслојни. Лошото менаџирање на кризите кои им се случија, од бранот мигранти после 2015-та па до пожарите во Атина минатото лето кога загинаа над 100 лица. А во равенката е и тамошната перцепција на Преспанскиот договор. Со години национално разгалуваните Грци се незадоволни од договор со кој им го сменија името на нивните соседи, самите не требаа ни буква да променат во ништо, а од ол-ин дуото Заев - Димитров ја добија на тацна ексклузивноста во користење на брендот Македонија; клот, ни додавки ни бутур.
„Сепак, НД имаше една огромна предност, а тоа е што не е Сириза“, пишува Тим Блек од Спајкд, кој смета дека најголема причина за поразот на Сириза e што го изневерија нивното првично ветување: дека ќе стават крај на јаремот на ЕУ и на со камшик натурените мерки за штедење.
Според него, тоа била главна стратегија на Сириза цели 4 години. За домашните гласачи и странските чирлидерки да позираат како левичари посветени на обичните луѓе, подготвени да им се спротивстават на Тројката (Европската комисија, Европската централна банка и ММФ) а пред самата Тројка да бидат снисходливи и решени да попуштат на сите барања, за нови транши и кредитни линии.
Да потсетиме, имаа и референдум дали да се прифатат условите на Тројката. Ципрас беше за „не“. И рефендумот испадна за не. Бадијала тоа. Тројката знаеше дека Ципрас блефира бидејќи нема ефективен план за излегување од еврозоната па така неподготвен го принудија да ги прифати сите услови за да добие појас за спасување од 100 милијарди долари.
Иако најлошото таму помина, ситуацијата е далеку од сјајна. Невработеноста на младите е околу 40%, економијата расте со прескромни 1,9%, јавниот сектор за една деценија е намален за 30% што остава непокриени серија базични услуги, од здравство до транспорт.
По Сириза и Ципрас сега плачат главно оние кругови кои беа одушевени од нивната - дури мазохистичка - посветеност на ЕУ, како на пример библијата на про-ЕУ капиталистите. Фајненшел тајмс, кој го воспева Ципрас како Државник, или пак Франкфуртер Алгемајне Цајтунг кој заклучува дека Ципрас ќе им недостасува на многумина во ЕУ.
Не е воопшто чудно што Зое Константинополу, поранешен сојузник на Сириза и Ципрас, завршениот мандат го сумира со зборовите „Тој бил, и е предавник“. Уште пострашна пресуда може да се слушне во зборовите на еден млад гласач: „По доаѓањето на Сириза, повеќето луѓе се надеваа на промени. Сега веќе не веруваат во никаква промена, во ништо“. Тоа е најголемата оставштина на Сириза, што ги распрснаа илузиите на целиот електорат“, пишува Тим Блек.