Овие 15.000 доверители имаат побарувања од Агрокор во износ од околу 7,7 милијарди евра.
Проблемот на судот е од временски карактер, односно да се запазат законските рокови во најмасовната судска спогодба во историјата на Хрватска, и да се сместат сите луѓе што се дел од оваа спогодба.
Како што пренесува Јутарњи, трговскиот суд во Загреб побарал простор во кој ќе може да се примат 15.000 доверители, а во исто време да одговара на условите потребни за судница.
Извори на Јутарњи од министерството за правда изјавиле само дека бараат простор и дека има повеќе опции. Изворите од Агрокор коментираат дека за спогодбата ќе треба да се закупи спортска сала, и дека во игра е и Арена Загреб.
Со толкава „публика“ ќе мора да се ангажира и посебно обезбедување, бидејќи како што до сега се покажало „доверителите во текот на такви постапки знаат и гласно да реагираат“.
Конечниот список на компании што имаат побарување од Агрокор треба да се објави следната недела и тоа најдоцна до 10 ноември (петок), а целиот процес треба да биде завршен до 10-ти јули 2018.
До сега документацијата за случајот Агрокор достигна 14.000 страници, а судот има постојани проблеми со обработка на документите бидејќи нема ни доволно скенери ни доволно луѓе.
На списокот до секое побарување од Агрокор ќе стои дали принудниот управник на компанијата го признава или оспорува конкретното побарување. Доверителите имаат право на жалба на одлуката на принудниот управник, како и оспорување на побарување на другите доверители.