Под товарот од мулти-милионската тајна Битрај добива висок притисок, а со тек на време и несоница (на ова влијае и што парите ги троши на спортска). Во јули годинава, седнува со својот шеф и му ја кажува целата измама: во рок од 4 години успева да украде 6,5 милиони долари од сефот, а своите траги ги прикрива така што празните кутии од готовината ги полни со книги и клопчиња од коноп. Освен што Битрај заглави, признанието доведе до смена на гувернерот и апсење на 18 негови колеги.
Сето ова се случува заради коцкарската навика на Битрај и големите пари што ги има изгубено на кладење, што кулминирало со серија на фатални кладби за време на годинешниот Мундијал.
Во мај 2010-та, кога станува шеф на одделот за процесирање на готовина, Битрај почнува со отворање на металните и пластичните затворачи на дрвените кутии во кои се чуваат готовинските резерви на народната банка.
На почетокот, Битрај еднаш месечно чекал сите колеги да си заминат дома и пред одење изнесувал околу 2 милиона лека од кутиите (околу 18.000 долари). Тој најмногу внимавал кога ги враќа празните кутии тие да не бидат во редот за испорака до комерцијалните банки во Албанија, ниту пак да бидат избрани за редовната ревизија на сефот. Празните кутии ги полни со книги или коноп за да надомести за тежината на украдените пари.
Во неговиот личен сеф биле 3-те клучеви потребни за отворање на сефот, а во истрагата од полицијата било утврдено дека вработените немале никаква процедура за тоа како и каде треба да се чуваат клучевите. Според Битрај, ревизијата проверувала само 2% од кутиите со готовина во сефот (отпуштениот гувернер тврдел дека проверуваат 5%). Сведоштвата во истрагата откриле дека водоводџијата и електричарот на Народната банка понекогаш биле дел од 7-члениот тим кој ги вршел ревизиите.
Парите што ги земал во црни кеси ги оставал во личниот сеф се до крајот на работното време. Тогаш пред излегување, одел до тоалет и ги лепел купчињата пари за телото. До дома го возел неговиот внук. Тој објаснува дека прво, банката немала никаков систем за да открие дали некој изнесува банкноти, и второ, безбедносните камери биле под лош агол и не можеле се да следат.
Кражбите го достигнале врвот за време на Мундијалот во Бразил, кога во еден ден Битрај украл околу 90.000 долари. Според албанските весници тој се обложувал кај различни луѓе низ Тирана, а на натпреварот Бразил - Чиле, изгубил 180.000 долари. Ставил дека Бразил ќе го победи Чиле во регуларни 90 минути. Бразил победи на пенали.
Битрај е обвинет за грабеж на банка и може да биде осуден на 20 години затвор. Судењето ќе започне за неколку недели, а пресудата се очекува на почетокот од следната година.