Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец беше во тридневна посета на Израел во која се сретна со сите државни првенци (претседател, премиер, спикер на Кнесетот), меѓу другото и со Директорот за сајбер безбедност.
Посетата се реализираше откако Албанија објави дека има докази дека Иран стои зад серијата сајбер напади во јули и септември кои привремено затворија бројни онлајн државни сервиси и веб-страници. Рама рече дека истрагата на неговата влада - спроведена со помош на ФБИ и Мајкрософт - открила дека сајбер нападот не бил извршен од поединци или независни групи туку од иранската држава, нарекувајќи го тоа „државна агресија“. Како одговор, протера неколку ирански дипломати од земјата, што наиде на одобрување од САД и Израел.
Техеран ги отфрли обвинувањата и порача дека Албанија е само маша во американско-израелската кампања против Иран.
Проблемите меѓу Иран и Албанија започнуваат пред десетина години откако по барање на САД, Албанија стана домаќин на иранските муџахедини (Mujahedeen-e-Khalq - MEK). Групата е таму од 2013 година.
Тоа е стара организација која беше активна уште од времето на Исламската револуција која откако падна во немилост на иранските власти, делуваше од Ирак, под патронат на Садам Хусеин.
Во 80-тите години „Народните муџахедини на Иран“ влегоа на листите на терористички организации на САД, ЕУ, Канада, Јапонија и Британија, поради убиства на американски државјани.
Во 2003 година, Вашингтон ги вади од црната листа надевајќи се дека после американската инвазија на Ирак, ќе ги искористи Муџахедините за промена на режимот и во Иран. Таа намера последен пат ја актуелизираше советникот за национална безбедност Џон Болтон во 2018 година, ни никогаш не се реализираше бидејќи Ирак стана поголем хаос отколку што Американците се надеваа, до толку што на МЕК мораше да им се најдат други домаќини.
Албанија се подаде, тоест го прифати американскиот предлог па сега во земјата има добро утврдени и обезбедувани 3.000 муџахедини (во кампот Ашраф-3) кои редовно прават дешавки а редовно им доаѓаат и гости од Америка. Им беа Мајк Пенс, Мајк Помпео....
„Во желба да ја покаже својата про-западност, албанската влада често се заплеткува во замрсени гео-политички спорови кои се далеку од нејзината територија“, пишува Форин полиси.
Така беше и кога прифатија да ги вдомат Ујгурите од американскиот затвор во Гвантанамо, така беше и кога прифатија 4.000 Авганистанци (повеќето од нив во служба на американските сили во Авганистан).
Во култниот филм Wag the Dog од 1977 година, има една ваква реплика?
- Ама зошто Албанија?
- А зошто да не?