Грчката полиција привела две жени и двајца мажи затоа што медитирале на јавно место, во паркот Елефтериас, во центарот на Атина.
Деспина, Ефи, Јоргос и Кристос биле лишени од слобода иако претходно немало никаков инцидент или каков друг било повод за тоа. Велат дека дури и на еден од полицајците што ги апсел му било чудно па се прејавил кај својот шеф по што им објаснил дека „таква е наредбата“.
Поклопувањето на ова чудно апсење со посетата на Џинпин ќе беше чиста коинцинденција да не беше фактот дека овие луѓе тоа таму го прават со години.
„15 години ги правиме истите вежби на истото место и никогаш досега немало ни најмал инцидент. Им рековме на полицајците дека ќе прекинеме ако треба само да не нè апсат, ама ни рекоа дека имаат наредба да бидеме спроведени,“ изјавила Деспина Карапану.
Цаката можеби е во тоа што овие луѓе изведуваат медитација и вежби во стилот Фалун Дафа, што е дериват од Фалун Гонг, поим од кој на кинеската држава ѝ се крева коса на глава.
Фалун Гонг е мешавина од медитација, физички вежби и морални филозофски поуки кои своевремено беа толерирани од кинеската комунистичка партија и државниот апарат. Но, некаде кон крајот на 90-тите години, заради бројноста (во тоа време се проценува дека ги има околу 70 милиони), нивната независност од државата и сомнителните проповоди беше проценето дека стануваат опасни.
„Фалунг гонг (или Фалун дафа) е древна вештина за култивирање на мозокот и телото базирано на принципите на Вистина, Добрина и Толеранција. Последниве 20 години во Кина е жестоко гонета, вежбањата се јавно дифамирани а практикантите се соочуваат со апсења, мачеа и и убивања,“ соопшти атинската група за медитација шпекулирајќи дека нивните убиени браќа и сестри се користат за илегална трансплантација на органи по кинеските болници.