Грчкиот уметник кој и на 93 години си игра со магнети

Денес, 3 јули, во галеријата Тејт во Лондон се отвара изложба на Такис, кого го нарекуваат пионер на кинетичката скулптура. Иако нема ништо натприродно во неговите дела, тие делуваат како врз нив да дејствува некаква невидлива, магична сила. А истите се продаваат и за магично големи суми.

Роден како Панајотис Василакис во 1925 во Атина, Такис и неговото семејство најпрвин го доживеале диктаторскиот режим на Метаксас, а потоа и Втората светска војна. Неговата антифашистичка активност како младинец резултирала со шестмесечна затворска казна. Во 1954 заминува за Париз и таму се запознава со делата на Џакомети и Пикасо кои ќе извршат големо влијание врз неговата естетика. Самоук и во уметноста и во останатите области со кои се занимавал (наука, филозофија), тој наскоро ги открива магнетите како централен елемент на своите концептуални дела, кои се состојат од различни подвижни објекти, парчиња метал, ротирачки оски, левитирачки шајки, а често произведуваат и своја „музика“. Според него електромагнетизмот е обединувачката сила која минува низ сите тела и ги држи на куп талкачките честички на космосот.

Неговите скулптури од 1950-тите и 1960-тите се опседнати и со уште една технолошка револуција - со електричната светлина. Кога бил дете во Атина речиси и да немало улични светилки. Кога прв пат го посетил поствоен Лондон, бил зашеметен од нивното постојано присуство. Така, високите тенки столбови со обоени светилки или црните кутии со трепкачки светилки навлегле и во неговите дела, кои се интересни од историска гледна точка, нешто како денешното експериментирање со дигиталната технологија.

Но дури и примитивните електро-магнетни скулптури носат актуелна порака. Отапени од премногу и премногу софистицирана технологија околу нас, забораваме на основите сили кои нè опкружуваат и кои раководат со нашите секојдневни животи, па и со најсложените технички процеси. Такис во таа смисла е како трпелив и упорен учител кој ни ја повторува истата лекција, додека не ја утврдиме. Со своите 93 години, има и доволно „багаж“ за да му веруваме.

Видео произведено од „Тејт“ снимено во студиото на Такис во Атина:

Изложбата ќе биде отворена до 27 октомври.

3 јули 2019 - 07:14