Најдобрите светски тенисери во периодот 28 август - 10 септември ќе се борат во Њујорк за титулата на УС Опен. Годинава тоа го правеа во Австралија за време на Австралија Опен, како и на Отвореното првенство во Франција познато како Роланд Гарос.
Причината зошто тениските турнири често се нарекуваат отворени е едноставна. Тоа е затоа што се отворени за сите играчи, и аматерски и професионални. Но, историјата зад оваа традиција заслужува повеќе од една реченица објаснување.
Порано постоела строга разлика помеѓу аматерите и професионалните спортисти во различни спортови, што можеби најдобро се покажува со сега веќе непостоечкото правило на Олимпијадите, дека само аматерите може да се натпреваруваат.
Професионалците кои имале спонзорски договори и играле за наградни средства, се сметале за нешто помалку угледни од нивните неплатени аматери. Генерално, професионалците и аматерите се натпреварувале одделно. Обратен пример бил голфот кој бил домаќин на отворенине првенства од 1860-та.
Во тенисот, поделбата останала уште околу 100 години и од средина на 20-ти век почнала да ја загрозува иднината на спортот. Клучен проблем бил дека многу аматери не биле навистина аматери.
„Всушност, федерациите и националните асоцијации, кои ги организирале најголемите турнири во светот, дискретно ги плаќале аматерските играчи под маса за да имаат контрола над нив. Овие таканаречени „шаматери“, не заработувале огромни суми пари, туку доволно за да го задржат својот статус и да играат на најпрестижните турнири“, вели тенискиот историчат Стив Флинк.
Накратко речено, станувало сè потешко да се оправда одвојувањето на аматерите и професионалците врз основа на пари. Згора на тоа голем број популарни тениски аматери од 50-те и 60-те, меѓу кои Род Лејвер и Панчо Гонзалес, решиле да одат во професионалци, оневозможувајќи ги од големите турнири, но овозможувајќи им многу поголем финансиски успех.
„Најпознатите настани ги немаа најдобрите играчи. Тенисот беше одличен спорт, но со аматери и професионалци во две различни области, не можеше да ја добие популарноста што навистина ја заслужи“, рече Џек Крамен кој е дел од Куќата на славните.
Меѓународната тениска федерација, гласала за прашањето на отворени турнири повеќе од еднаш во почетокот до средината на 60-те, но безуспешно. Потоа во август 1967-ма, британските тениски функционери одлучиле да им дозволат на професионалците да играат серија на егзибициони натпревари на домашниот терен на Вимблдон, позната територија само за аматери.
Тридневниот настан донел огромен успех, десетици илјади обожаватели се појавиле да гледаат, а БиБиСи вршел пренос. Овој таканаречен Вимблдон Про покажал каков би можел да биде спортот доколку во комбинација се прифатат професионалци. Подоцна истата година, Британската тениска федерација гласала за интегрирање на двете фракции на Вимблдон.
Така започнало она што е познато како „Open era“, Отворена ера на тенисот. По гласањето, сите четири Гренд Слем турнири во САД, Франција, Австралија и Англија станале отворени турнири.
Разликата меѓу аматери и професионалци не исчезнала веднаш. Првично имало играчи кои влегувале на турнирите како аматери, професионалци или регистрирани играчи. Оваа последната ознака значела дека тенисерот сè уште е аматер, но може да прифати парична награда.
Тоа предизвикало голем интерес за време на првиот УС Опен кога аматерот Артур Еш ја освоил титулата кај мажите, но наградата од 14.000 долари ја земал неговиот противник, регистрираниот играч Том Окер.
Сега секој учесник може да си земе чек. На овогодинешниот УС Опен, шампионите во сингл во машка и женска конкуренција ќе заработат по 3 милиони долари. Утешната награда за второпласираните е 1,5 милиони долари.