Французинката Каролин Гарсија на Австралија Опен го дала пакетот опрема за перење, а утредента видела дека го добила пакетот со испран веш на кој пишувало Дариа Гаврилова.
„Неретко се случуваат вакви работи. Навистина е катастрофа“, низ насмевка изјави Гарсија.
Тениските турнири, посебно Грен Слем за три недели се претвораат во вистинско олимписко село. Автопаркови со кои се развезуваат играчите и судиите, кафулињата се полни со гости и домашни специјалитети, стотици медиуми шетаат по новинарските кампови.
И секоја година, еден сервис води грижа за перење на опремата на играчите.
Во Мелбурн, сервисот го води секогаш насмеаната Емили Мартин - вработена на турнирот со пирс на носот која има 15 години работно искуство со играчите. Нејзиниот тим од пет луѓе ги собира потпишаните пакети со опрема три пати дневно од соблекувалните, ги товари во комбе и ги носи во пералната на 30 минути од тенискиот центар.
„Перењето почнува од 6 наутро, а завршува во 20-21 часот навечер. Ова е цела фабрика, опремата се пере со индустриско перење“, вели Емили.
На турнирите перењето веш е вообичаена појава. АТП и ВТА турнирите имаат свои барања за оваа услуга, иако на многу места се плаќа. Но не и на Грен Слемовите.
Грешките меѓутоа се неизбежни, како и во секоја животна професија. Работите се губат, пакетите се мешаат и слично. После перењето, пакетите со чиста облека најчесто се оставаат во соодветните шкафови во соблекувалните.
„Јас само што вратив денес нечиј веш, еве пред 45 минути. Смешно е кога ме прашувате за тоа. Женски беа, не машки. И тоа тигрести. Не беа мои“, изјави Марија Шарапова.
Загубениот веш и другата опрема се враќа кај Емили и нејзиниот тим, кој се обидува да го најде правиот сопственик.
„Секако дека ние не ги качуваме на ѕид со натпис Чии се овие? Ги враќаме на играчите кои ќе прашаат да не сме го виделе нивниот пакет“, се смее Емили.
Често се случувало и играчите да оставаат разни предмети во пакетите: шишиња вода, телефони, кредитни картички. Тимот на Емили враќал дури и пасоши на некои тенисери и тенисерки.
Играчите генерално имаат од шест до осум опреми на секој Грен Слем, којшто им ги дава спонзорот за две недели колку што трае турнирот. Кога е многу топло, тенисерите и тенисерките понекогаш по два-три пати се пресоблекуваат на еден меч.
Но не сите играчи ја користат оваа услуга.
„Ако можам сам да ги исперам во машина, го правам тоа. Не мислам дека мора да ги давам во пералната. Уживам да ја средувам мојата опрема. Имаме машина за перење во апартманите, така што зошто сам да не си ги пуштам“, вели Денис Кудла, 69. рангираниот американски тенисер кој загуби во втората рунда на Австралија Опен.
Понекогаш, на помалите турнири играчите немаат услуга за перење на опремата. Пред три години Кудла играл на некој Челенџер во Нова Каледонија близу Австралија и морал опремата да ја дава во хотелот.
„Имаше опција да ти ги исперат за 10 долари или сам да си ги испереш, така што јас секој ден ги перев на раце. Имав околу 30 парчиња опрема која што морав да ја обесам наоколу. Хаос беше. Тоа е можеби најлудото нешто што ми се случило“.
Остин Крајчек, уште еден американски тенисер вели дека не забележал лани дека на АТП турнирот во Мемфис имал таква услуга, така што сам ги перел алиштата. Во просек, 180 пакети се перат секој ден и има околу 1.600 парчиња. Околу 16-22 тони опрема се пере за три недели колку што трае еден турнир.
Неколку играчи влегоа во завршницата на турнирот во Австралија, така што сабота ќе биде последен ден за перење опрема. Кога Емили Мартин во 2013-та година влегла во соблекувалните, имало два пакети на финалистите Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј.
„Тие во сабота навечер ги оставиле пакетите. Момците што перат завршиле со смената, а мечот се играше следниот ден. Ги земав торбиците и лично ги исправ во пералната во Ричмонд. Имав возач со мене, дадов пари и за три часа сè беше решено. Опремата им беше спремна за вечерта", вели Емили и одговара дека тигрестите гаќички кој завршиле кај Шарапова на крајот стигнале кај правата сопственичка.