Најизговорениот и најпишуваниот спортски збор во текот на вчерашниот ден без конкуренција беше таеквондо. Упс, теквондо. Нема потреба денеска од пресметки на оваа тема, бидејќи најважната заврши, а ја доби Дејан Георгиевски кој синоќа блесна во олимписките височини.
Сребрениот медал на градите на 22 годишното момче од клубот Бутел, денеска има најава дека ќе биде награден од државата со 30.000 евра и доживотна спортска пензија. Тоа е нивна обврска, а наша е да го пишуваме правилно.
Дигиталниот речник на македонски јазик и Википедија тврдат дека до сега сме грешеле и дека тоа „А“ е вишок и во изговор и во пишување. Што значи Македонија има олимписки медал во теквондо. Клик тука да чуете.
Стилот во 50-те
Инаку се работи за национален спорт во Јужна Кореја кој почнал да се развива во 40-те. Го сметаат за спој од повеќе борбени стилови развиени од трите сопернички корејски царства Когурео, Сила у Баекје, каде биле подучувани млади луѓе на невооружена борба со цел да развијат сила, брзина и способност за преживување
На корејски тае значи удар или блокада со ногa, квон е удар или блокада со рака и до е пат, начин или метод.
Теквондото е препознатливо по ударите со нога, а тоа го одделува од каратето и кунг футо. Инаку освојуваат поени и со рака.
Корејците сметаат дека рацете се премногу драгоцени за човекот, за да ги користи за борба и затоа главно ја користат ногата како најјакото и најдолго човечко оружје.
Инаку рекордери по број на медали на Олимписките игри очекувано се корејците со вкупно 20 од кои 12 златни, 2 сребрени и 6 бронзени. Втори се Кина со 11, а трети САД со 10.
Олимпиското деби теквондото го бележи на ЛОИ во Сиднеј 2000.
Од вчера друштво на медалистите им прави и Дејан Георгиевски кој стигна до сензационално финале и го освои првиот сребрен медал во историјата на македонскиот олимпизам.
Инаку многу славни ликови имаат тренирано теквондо. А меѓу нив е на пример и Чак Норис. Другите се Барак Обама, Арнолд Шварценегер, Џесика Алба, Владимир Путин, Жан Клод Ван Дам.