Таткото Фредерик де Ланувел и неговата 16-годишна ќерка Матилда извозеле неверојатни 2.162,3 километри пред неколку месеци и тоа во средиштето, во срцето на Франција со цел да соберат средства за децата во кардиолошките оддели.
Поставиле рекорд и влегле во Гинисова книга на рекорди.
„Овој рекорд е обид да и пренесам на ќерка ми вредности за надминување себеси и за авантура, за истражување на Франција и да се прати позитивна порака до што е можно повеќе луѓе“, рекол Фредерик за луѓето од Гинисова Книга на рекорди.
Таткото и ќерката тргнале од Лион на 16-ти август и во насока на стрелките од часовникот правеле тура ширум Франција а идејата им била да возат така што ќе исцртаат срце на мапата која што го следи нивното возење од релација до релација од град во град, село во село.
„Користа од возење во тандем е што ако еден се измори, другиот може да продолжи. Петнаесет дена заедништво, муабети. Ова се животни сеќавања“, рекол татко Фредерик за Рил Медиа.
Двајцата на крајот собрале донации од околу 24.000 евра за француската хуманитарна организација Mécénat Chirurgie Cardiaque, а средствата биле доволно за грижа на две дечиња. Сумата подоцна нараснала на 27.000 евра.
Фредерик целиот свој живот бил авантурист, претходно го трчал и страшно захтевниот маратон Marathon des Sables, трка на 250 километри по вжештената мароканска пустина и тоа со неговата постара ќерка Сесил.
Интересно, на крајот од 2022-ра година четворица другари од Франција на идентичен начин, со велосипеди извозеле 1.025 километри од северен Клермон до централна Франција. Нивното возење траело шест дена а преку апликацијата СТРАВА исцртале диносаурус.