Почетокот на активностите беше одбележан со вчерашниот настан на спортските терени во ОУ „Кочо Рацин“ и на околните улици, на кој се одржаа велосипедски и атлетски трки, натпревари во тимски спортови, фитнес и рекреативни работилници.
На 26 септември на платото на Средно Водно ќе се одржи вториот блок
активности кој вклучува различни спортски игри, тренинг зона и зона за релаксација како и натпревари во баскет 3х3 и фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно.
Финалниот настан BeActiv Night ќе се одржи на 27 септември на кејот во Охрид и ќе вклучува натпревари во баскет 3х3, ракомет, пинг-понг, стрелаштво, фитнес и аеробик зона.
Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти и да биде инспирација за илјадници луѓе да бидат активни и да ја почувствуваат енергијата на спортот.
„Ваквите настани од година во година треба да бидат сѐ помасовни и попопуларни бидејќи тие значат промоција на спортот и на физичката активност. Преку овие активниости ја испраќаме најсилната порака дека спортот е здравје, спортот ги обединува луѓето и промовира вистински вредности“ рече министерот за спорт Борко Ристовски.
Во рамките на Европската недела на спортот 2025 ќе се реализираат три големи настани, на 23 и 26 септември во Скопје и на 27 септември во Охрид.