Потресната исповед на алпинистот Здравко Дејановиќ

Еден од најдобрите македонски и европски хималаисти, Здравко Дејановиќ раскажа на својот Фејсбук профил што се случувало при неговото искачување на страшниот врв Лотце (8.516 метри надморска висина) во Непал. Дејановиќ има повеќе врвови над 8.000 метри.

На ден 19.05 околу 12h, го искачив врвот Lhotse 8516m без да користам помош од други лица (шерпаси) и дополнителен кислород. Врвот го искачив во тешки и неповолни временски услови, пропратено со врнежи, олујни наноси од снег, со јачина на ветар до 50km/h.

Поради таквите временски услови јас и другите искачувачи добивме смрзнатини на долни и горните екстремитети.

Во одреден момент на висина од 8400m, јас и алжирскиот искачувач Насир и неговиот личен шерпас (кои за цело време користеа дополнителен кислород), бевме принудени 2-2:30h, да останеме во место на таа висина поради силните наноси од снег.

На оваа висина бев виден од повеќе качувачи, боливискиот качувач Хуго, шерпасот Лама, еден кинески качувач, и уште двајца кинески качувачи ( кои го прекинаа искачувањето на врвот поради смрзнатини). Од страна на искусниот шерпас Лама бев советуван да се откажеме од искачувањето и да се вратиме во четвртиот камп.

Но, ние тројцата сепак продолживме кон врвот. На врвот околу 10 min пред мене беа Насир и неговиот шерпас, кои веќе се симнуваа кога јас пристигнав на врвот. На врвот поради сериозните смрзнатини на прстите неможев веќе смрзнатиот патент од качувачкото одело, да го отворам, да го извадам мобилниот телефон и да направам видеозапис.

Заради мојата безбедност и здравствена состојба која веќе почна да се влошува (бев исцрпен и веќе имав изразени смрзнатини на прстите на рацете) неможев долго време да се задржувам на врвот , и веднаш се упатив кон пониските кампови. Се спуштав колку толку успешно се до Yellow Band (вертикални карпи кои се наоѓаат на 7600m), и тоа место е последно нешто на што јас се сеќавам. Од тој момент имало спасувачка акција за мое извлекување до пониските кампови. Спасувачката акција била координирана од шерпасите од 8K тимот, мојата ќерка Стефанија, Славица Атанасовска и Билјана Огнененоска. Сите искачувачи беа дел од 8kexpeditions тимот.

Херојските авантури и предизвици на Здравко Дејановиќ кој се качувал на Хималаите на -50

30 мај 2024 - 14:39