Почина боксерската легенда Стивенсон

Легендарниот кубански боксер и еден од најдобрите на сите времиња, Теофило Стивенсон почина на шеесет годишна возраст од срцев удар. Стивенсон се вбројува меѓу легендите на боксот бидејќи во текот на својата кариера се закити со три златни медали на Олимписките игри, беше троен светски шампион, а на два пати беше најдобар на Пан Американските игри.

Стивенсон од почетокот на годината имаше проблеми со срцето, но тој не сакаше да говори за здравствената состојба и беше далеку од очите на јавноста.

Боксерската легенда доминираше на рингот во период од 1972-та до 1986-тата година. Првото злато го освои на Олимпијадата во Минхен и потоа следуваа победите на Игрите во Монтреал и Москва. Стивенсон во тоа време го повтори подвигот на Унгарецот, Ласло Пап, а последен, кој успеал да стигне до три злата на Олимписките Игри е неговиот сонародник, Феликс Савон.

Стивенсон освои и три златни трофеи на Светските првенства во Хавана, Белград и Рино и во доцните седумдесетти години постојано ги одбиваше понудите за преселба меѓу професионалците и остана суверен господар во аматерскиот ринг. Токму поради неговото одбивање да се пресели меѓу професионалците, светот остана без шанса да го следи можеби и најинтересните мечеви во тешка категорија бидејќи во тоа време доминантен беше Мохамед Али.

Со смртта на Теофило Стивенсон светот загуби голем спортист, но неговите резултати на боксерскиот ринг вечно ќе останат запишани во историјата.

12 јуни 2012 - 16:41