Од каде потекнува гестот со седење на колено и што означува?

Во последните неколку недели бунтот против расизмот и полициското насилство се рашири по целиот свет. Спортот на овие протести им ја подари главната форма на изразување - клекнување на колено.

Автор на овој гест е играч од американски фудбал - Колин Каперник.

Тој е роден во расно мешано семејство, бил воспитуван од белци, но биолошката мајка го критикувала неговиот протест.

Се започна во август 2016-та година кога за време на подготвителен предсезонски натпревар Колин Каперник, кој тогаш играше за Сан Франциско, демонстративно клекна на едно колено за време на интонирање на американската химна.

После две недели новинарите обратија внимание на овој гест. Одговорот на Каперник ја разбрани американската јавност:

„Нема да стојам за да се гордеам со знаме на земја во која се угнетуваат црните луѓе и другите раси. За мене, ова е поважно од фудбал и би било себично да гледам поинаку. Има лешеви по улиците а на луѓето им се плаќа да си ги земат телата и да заминат“.

Каперник не најавил никому во клубот дека ќе протестира. Тој некое време размислувал за ваков настап за да ја разбуди публиката, но не сакал да прави проблеми. После неколку месеци откако ја увидел ситуацијата во земјата решил активно да земе уечство во борбата за правата на црнците.

Колин е мелез, така што го разбираат и двете страни. Неговиот биолошки татко е Афроамериканец којшто ја оставил 19-годишната Хајди Русо кога била бремена.

Девојката решила дека нема да може да го воспитува сама детето, па кога Коперник имал само 5 недели го дала на воспитување во бело семејство - кај Рик и Тереза Каперник.

Во детството Колин се среќавал со расистички коментари зошто „неговата боја на кожа се разликувала од родителите“. Но тој до ден-денес ги смета Рик и Тереза за свое семејство.

Хајди неколку пати пробала да оствари контакт со Колин уште кога бил студент, но тој секогаш одбивал. Сега таа е медицинска сестра и има три други деца. Таа рекла дека се откажала од него во младоста за негова подобра иднина.

Но подоцна биолошката мајка на Колин го критикувала син и на твитер кога тој решил да протестира, а Рик и Тереза го поддржале во целост.

ГЕСТОТ ЈА РАЗБРАНИ ЈАВНОСТА, А МАСЛО ВО ОГНОТ ФРЛАШЕ И ДОНАЛД ТРАМП

На многумина во САД им сметало што Каперник решил да ја бојкотира химната. Во САД интонирање химна е најважна патриотска традиција пред спортските натпревари.

Државното знаме обично го носат претставници на армијата, химната на стадионите многу навивачи ја прифаќаат како сеќавање на загинатите војници. Од 2012 до 2015 година Министерството за одбрана на САД издвоило 6,8 милиони долари на спортски тимови за организација на воени и патриотски настани меѓу кои и интонирање химна.

СИТУАЦИЈАТА СЕ ВЖЕСТИ ПО ИЗВЕСНО ВРЕМЕ

На 30 август 2016 година, четири дена по изјавата на Каперник, отворено писмо му напишал Нејт Бојер, поранешен играч во НФЛ кој служел војска и бил во мисии во Ирак и Авганистан.

Тој му предложил на Колин да го смени методот на протест.

Бојер му предложил да седи на колено како што прават ветераните на воените гробишта. Нејт копал по архивите и нашол фотографија од Мартин Лутер Кинг кој седнува на колено во знак на протест за граѓанските права во Селм (Алабама) во 1965 година.

 

На 1 септемри 2016-та пред последниот меч од пред-сезоната на Каперник му се приклучи и неговиот соиграч Ерик Рид. Тие двајца прво заедно клекнале на колено за време на химната за да привлечат внимание кон проблемите на расна нееднаквост. И така правеа цела сезона.

После мечот Каперник ветил дека ќе донира милион долари за организациите кои можат да помогнат во борбата.

„Медиумите направија слика дека јас сум антиамериканец. Сфаќам дека војниците ги жртвуваат своите животи и се подвргнувам на опасност ради мојата слобода на говор и моите слободи во земјава, а јас ги уважувам. Во земјава има многу проблеми. Имаме многу угнетени луѓе. Полициското насилство е голем проблем кој треба да се реши. Има многу прашања за кои треба да се зборува, да се исправат“.

На 5 септември на самитот на G20 во Кина веста стигнала и до Барак Обама кој го поддржал фудбалерот.

Но во САД на многу места навивачите го исвиркуваа Колин и палеа негови дресови поради тоа што не ја почитувал земјата. На 11 септември кога почнала НФЛ сезоната на протестот му се приклучиле и други играчи кои клекнувале на колено (тогаш не беше толку едноставно како денес и клубови казнуваа играчи)

„Луѓе секој ден гинат во одбрана на тоа знаме поради кое ти одбиваш да стоиш. Фрлени 50 долари на твој дрес се најлоша инвестиција во мојот живот“, рекол некој гневен навивач.

На 12 септември Доналд Трамп во предизборна кампања не можеше да го игнорира ова и побара клубовите да ги отпуштат играчите кои седнуваат на колено за време на химната.

„Мислам дека ова е голема непочит кон нашата земја. Може сакаат нешто друго? Да видиме дали ќе добијат 20 милиони долари како второкласни квотербекови на друго место“, рекол Трамп мислејќи на Каперник.

Во 2016-та година Колин имал богат договор на неколку години и важеше за голема ѕвезда на лигата. Но откако почна да протестира го изгуби местото во стартниот состав.  Уште една искра фрлил адмирал Хари Херис кој се обраќал на еден собир по повод 75-годишнината од нападите во Перл Харбор.

„Мажите и жените за кои се собравме денес, никогаш не седнувале на колено и никогаш не одбивале да стојат додека ја слушаат нашата национална химна“.

Протестите на терените продолжија и следната сезона а Трамп пак побара клубовите да ги отпуштат играчите кои не ја почитуваат химната. „Сопствениците на клубовите кога некој играч нема да ја почитува химната, треба да му речат 'кучкин сине отпуштен си':

Во есента 2016-та година Колин Каперник како седи на колено се најде на насловната страна на Time, а веќе беше јасно дека фудбалерот ќе го напушти Сан Франциско затоа што управата му спремала раскин на договорот.

Година дена претходно Каперник беше лице за рекламна кампања на Nike со кој потпиша богат договор. Трамп подоцна бараше од гледачите кои ќе бидат на стадион, доколку некој играч клекне на колено за време на интонирање на химната, да си заминат од стадионот.

Денес гестот на Колин Каперник го одобруваат дури 52% од Американците а пред 4 години само 28%. Толку време Каперник нема клуб во НФЛ.

А гестот неделиве се прави на многу протести ширум светот, но и на фудбалските терени. На колено за време на тренинзи клекнаа играчи на Ливерпул и Челси, а во Германија, откако дадоа гол за Менхенгладбах и Дортмунд, Маркус Турам клекна на колено а Џејдон Санчо извади маица со натпис Правда за Џорџ Флојд.

Тренерот на Голден Стејт Вориорс, Стив Кер го спореди влијанието на Каперник со она кое го имал Мохамед Али кој протестирал против војната во Виетнам.

16 јуни 2020 - 16:22