Најсилниот Македонец викендов ќе се бори за нов шампионски појас

Претстојниов викенд на „Боречкиот остров“ ќе се одржи турнирот UFC 251 каде главна борба за титулата во перолесна категорија ќе водат Алекс Волкановски и Макс Холовеј.

Ова ќе биде втора борба меѓу Волкановски и Холовеј. Нивниот претходен дуел беше на UFC 245 пред пола година. Тогаш Волкановски победи по едногласна одлука на судиите и го освои шампионскиот појас во перолесна категорија кој Холовеј го поседуваше три години.

Мечот траеше 5 рунди а двајцата разменија 607 удари од кои 292 директни.

Макс Холовеј пред 8 години дебитираше во UFC и досега има 17 победи од 22 борви. Изгуби само од топ борците: два пати од Дастин Порие, Денис Бермудес, Конор Мекгрегор и од Австралиецот со македонско потекло Алекс Волкановски.

Американецот Холовеј долго време го сметаа за крал во перолесна категорија зошто 7 години беше без пораз. Важи за еден од најпристојните борци кој никогаш не направил скандал, дури ни кога Конор МекГрегор со изјави му се качувал на глава.

Доказ за неговиот фер однос беше и моментот кога после мечот со Жозе Алдо му пријде, му даде рака и му кажа: „Те сакам другар“.

После тоа си пружи рака и со Брајан Ортега на кого му кажа: „Брајан, пеколна борба, те сакам“.

7 ГОДИНИ НА ТРОНОТ, НО ПОТОА СЕ ПОЈАВИ ВОЛКАНОВСКИ

Александар Волкановски (31) е поранешен професионален рагбист и државен шампион во борење во Австралија. Тој пред да влезе во UFC, владеел со појаси во дури четири разни дисциплини.

Во кариерата изгубил само еднаш и тоа во далечната 2013-та. Оттогаш до сега има страшна серија од 18 победи по ред вклучувајќи ја и онаа над Макс Холовеј. На UFC 245 Волкановски покажа колку го посакува појасот и буквално го претепа Холовеј.

„Еднаш веќе го победив Макс и знам дека можам од ново. Овојпат сакам порано да ја завршам борбата. Луѓето мислат дека со него не можеш пократко, но јас верувам дека можам. Можно е да звучам самоуверено но тоа сум јас. Целосно сум сигурен во себе, верувам во своите можности и намерен сум да им покажам на сите дека сум најдобар борец во оваа категорија. Ќе пробам да го нокаутирам.

Мислам дека се ќе заврши на време. Го почитувам, тој има неверојатно цврста вилица. Така што ако го нокаутирам, тоа ќе биде многу важно за мојот статус“; изјави Волкановски.

Очекувано, и двајцата во согласност со шоуто на UFC, ги заоструваат изјавите како се ближи борбата, па Холовеј додал:

„Дечки вие веќе земавте интервју од него? Кој од вас правеше интервју со него сега? Што вика? Веќе е шампион? На крај од краитшата чувствувам дека ќе ме нападне. Тој ме предизвика на борба. Тоа обично го прави претендент така ли? Не знам. Овој дечко постојано вика дека он е тоа. Сака и да докаже.

Во моите очи ти си шампион. Што сега сакаш да докажеш? Ако верувате дека сте шампион, што се трудите да докажете? Јас не се докажувам никому. Знам дека бев шампион. На крајот, неговите интервјуа зборат сами за себе. Ви може да дојдете и да гледате и да ми кажете нешто друго.

Може да мислите друго, но ова е просто уште една борба. Имам пет такви појаси дома. Сите ми се во шкафот. Овој дечко (Волкановски) може да ме победи уште два пати и пак нема да има толку титули колку што имам јас. На крајот ова едноставно само уште една борба“, заклучил Макс.

Покрај таа борба која на островот Јас во Абу Даби е предвидена за недела рано изутрина, викендов ќе се сретнат и Камару Усман - Хорхе Масвидал, Петр Јан - Хозе Алдо, Џесика Андраде - Роус Намахунас, Аманда Рибас - Пејџ ВанЗант.Според обложувалниците, Волкановски е фаворит за победа со коефицент 1.50, а триумфот на Холовеј е проценет со 2.70.

КАКО ИЗГЛЕДА ЕЛИТНИОТ ОСТРОВ НА БОРЦИТЕ НА КОЈ ЌЕ СЕ БОРИ И ВОЛКАНОВСКИ?

10 јули 2020 - 14:13