Најсилниот Македонец ќе се бори на елитниот Остров на борците

Претседателот на најпознатата промоција на мешовити борби УФЦ, Дејна Вајт долго време работеше на идејата за “Остров на борците“ и конечно ја откри супер дестинацијата каде ќе има спектакуларни борби: Островот Јас во Абу Даби.

ОСТРОВ ИЗГРАДЕН ЗА 36 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, ТАМУ ХАБИБ СЕ ПРОСЛАВИ ПРЕД МУСЛИМАНСКИТЕ БРАЌА

Изградбата (да, нека не ве чуди) на островот Јас почнала во 2007-ма година во источниот дел од Абу Даби во Обединети Арапски Емирати. Проектот го реализирала компанијата Aldar Properties која вложила 36 милијарди долари.

Целата изградба на островот поминала многу брзо и ефикасно: веќе во 2009-та година на островот Јас се возеше етапа од ГП на Формула 1, а набрзо таму се појавија и многу забавни паркови меѓу кои и тој на Warner Bros, терени за голф, јахт-клубови итн.

ДОГОВОР МЕЃУ УФЦ И АБУ ДАБИ

Односот меѓу УФЦ и Абу Даби стартувал во 2010 година. Тогаш компанијата Flash Entertainment која е во државна сопственост, купила 10% од акциите на УФЦ за 200 милиони долари.

Во 2010-та се организирал и првиот турнир во Обединети Арапски Емирати - УФЦ 112. Ова беше прв турнир на отворен воздух: стадионот бил специјално монтиран за настанот а после недела дена го демонтирале.

Овој турнир станал најуспешен во историјата на УФЦ: дошле 11.000 гледачи, заработката од карти била 3,5 милиони долари. После следувала пауза од 4 години.

Во 2014-та година во ОАЕ се организираше УФЦ Фајт Најт 39, но без некои посебни достигнувања. Во 2018-та година претседателот на Flash Entertainment Џон Ликриш објавил дека ги продаваат акциите и дека излегуваат од УФЦ.

Но за среќа на сите љубители на ММА во Емирати, веќе во 2019-та година УФЦ склопи 5-годишен договор со Управата за туризам и култура на Абу Даби. Според овој договор УФЦ турнир требал да се одржува во ОАЕ еднаш годишно и на него мора да се појави актуелниот шампион.

Борбите во 2019-та стартуваа со триумфот на Хабиб Нурмагомедов кој беше гарант на успех за настанот во УАЕ, затоа што е шампион и плус муслиман.

Нурмагомедов го победи Дастин Порие и на крај сите биле задоволни од настанот.

„Имаме долгорочен план за пазарот во Абу Даби. Навивачите одамна бараа да се вратиме во ОАЕ. Среќен сум поради нашиот договор и сигурен сум дека ќе влијае на развој на ММА во целост и на УФЦ во овој регион“, изјавил Дејна.

Сега Абу Даби и островот Јас ќе го спасат УФЦ во време на глобална пандемија: идејата за „Остров на борците“ првично беше планирана да се реализира во САД. Дејна пред извесно време објави дека ќе има 4 турнири по ред а на првиот ќе се појават тројца шампиони.

Според договорот тројца актуелни шампиони во разни категории ќе се појават во Абу Даби: Осман од Нигерија, Волкановски Македонец од Австралија и Јан од Русија

И МАКЕДОНЕЦ ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД СПЕКТАКЛОТ

На островот Јас УФЦ изградил сопствена локација на која има арена за борбите, хотел, тренинг камп и ресторани. Целиот комплекс се протега на 10.000 квадратни метри и таму може да доаѓаат само борците, тренерите и персоналот на УФЦ.

УФЦ 251 ќе се одржи на 11 јули, а по него ќе има 3 настани од серијата Fight Night: 15, 18 и 25.

Дејна Вајт ги објави и дуелите. Главна борба ќе биде во велтер категорија (77 кг) меѓу првакот Камару Осман од Нигерија и Бразилецот Жилберт Бернс.

За нас најинтересна ќе биде битката меѓу Алекс Волкановски и Макс Холовеј (реванш) за титула во перо категорија (66 кг). Волкановски ќе го брани шампионскиот појас во оваа категорија. Ќе се борат уште и Русинот Петр Јан против Жозе Алдо од Бразил за титула во бантам категорија (61,5 кг) како и во женска категорија Роуз Намаионас против Џесика Андраде (реванш) и Пејџ ВанЗант против Аманда Рибас.

Алекс Волкановски кој има само 1 пораз во кариерата и тоа не во УФЦ, со едногласна одлука на судиите го победи тогашниот шампион Холовеј и му го зема шампионскиот појас. Од тогаш Макс бараше реванш а Волкановски прифатил уште еднаш да докаже дека е најсилен во оваа категорија.

10 јуни 2020 - 10:13