Германскиот мултинационален гигант Puma е на врвот на својата слава. Докази за тоа се:
- Свежиот 10-годишен договор со Манчестер Сити тежок 650 милиони евра кој стапува на сила од следната сезона. Тоа е трет по големина договор со технички спонзор на светот и втор во историјата на Премиер лигата.
- Во 2017-та годишниот обрт на Puma првпат надминал 4 милијарди евра, а минатата година пораснал за уште 17,6% и достигнал 4,6 милијарди евра!
- Чистата заработка во 2018-та година во споредба со претходната 2017-та се зголемила за 38% и отишла од 135,8 милиони евра до 187,4 милиони евра.
- Цената на акциите на Puma пораснала на 128% од декември 2015 до денес.
- Puma одново се враќа во кошарката. Во 2018-та, после 20 години направија кам-бек во НБА заедно со Jay-Z.
Puma во моментов е меѓу топ компаниите за производство на спортска опрема иако се уште се наоѓа чекор зад конкурентите од Nike и Adidas.
Меѓу клиентите на Puma се Милан, Борусија Дортмунд и репрезентацијата на Италија кои носат опрема од овој гигант. Договори со брендот имаат и Антоан Гризман, Серхио Агуеро, Ромелу Лукаку и Усеин Болт.
Компанијата исто така соработува и со ѕвезди надвор од спортот како Риана, The Weekend и Селена Гомез. Приказната за основањето на овој бренд е мошне необична: поради спор меѓу браќата Али и Руди Даслер и расколот на нивната заедничка фирми Gebrüder Dassler, во 1949 одина во германскиот Херцогенурах се отвориле две спортски фабрики - Adidas и Puma.
Легендарниот логотип на Puma - силуетата на дива мачка пума во скок станал најважен дел од брендот и секогаш стои на копачките, на дресовите, маиците, патиките, шорцевите и секоја спортска и поинаква облека.
КАКО СЕ ПОЈАВИЛО ЛОГОТО И ЗОШТО БРЕНДОТ Е НАРЕЧЕН PUMA?
Кога Рудолф Даслер се скарал со брат му Ади (Адолф) и основал своја фабрика после поделбата на имотот меѓу браќата, тој својата фабрика прво ја нарекол Ruda (од името Рудолф), но подоцна ја преименувал во Puma (исто во своја чест, затоа што Рудолф така го викале во школските денови).
„Визијата на Рудолф се потпираше на тоа што сите производи од фабриката асоцираат на карактеристики на дивата мачка пума: брзина, сила, еластичност, издржливост и спретност. Тие квалитети се неопходни да се биде успешен спортист“, раскажал стариот консултант на Puma за маркетинг, Хелмут Фишер.
Првата варијанта на логото била со пума која скока низ буквата D која го означува презимето на Рудолф - Даслер. Потоа логото неколку пати го модернизирале - пумата скокала низ шестоаголник, додале натпис Puma, се додека не дошле до минималистичката и фасцинантна варијанта во 1970 година.
Од тогаш главното лого на Puma не се сменило до ден-денес, освен некои ситни измени.
ДИЗАЈНЕРОТ НА ЛОГОТО ЗА PUMA ЦРТАЛ СИЛУЕТА ВО ЗООЛОШКА ГРАДИНА И СЕ ОТКАЖАЛ ОД БОГАТСТВО
Нирнберг, декември 1976-та година, 29-годишниот карикатурист Лутц Бекес работел за спортскиот весник Tiger. Оддеднаш му заѕвонел телефонот.
„Лутц, можеш ли да дојдеш? Имаме некој проблем. Редовно ја следиме твојата работа за Kicker. Им кажав на татко ми и брат ми дека се знам со тебе“, му рекол Герд Даслер, син на основачот на Puma и поранешен школски другар на Лутц.
Карикатуристот Бекес следниот ден отпатувал од Нирнберг до вилата на Даслерови во Херцогенаурах. Таму го пречекале Рудолф, Герд и најстариот син на Даслер, Армин.
„Нам ни треба лого за компанијата - силуета на пума во скок. Сакаме да го испечатиме на 5.0000 спортски производи. Неколку уметници ни нацртаа нешто, но не беше тоа што го баравме. Сакаме елегантна и исправена пума“, му објаснил стариот Даслер.
По некое време на маса стоеле неколку скици. Рудолф Даслер од прва тргнал една затоа што пумата му изгледала многу изострена.
Лутц побарал малку време, се вратил во Нирнберг и следниот ден отишол во локалната зоолошка градина: „Земав блок со мене и седнав пред кафезот со пума. Пред мене беше убаво, силно но не грациозно животно со голем заден дел. Во соседниот кафез во позадина седеше црна, гибка и елегантна црна пантерка“, се сеќава Бекес.
Поради тоа што немал добар поглед до пантерката, тој се вратил дома им се јавил на Даслерови и им објаснил дека пантерот е многу поубав од пумата и дека подобро би стоело логото со неа. Стариот Даслер само одговорил: „Да, знам, ама ние се викаме Пума а не Пантер.“
Лутц излегол од дома. Прво на својот цртеж цртал тело на пантер, а подоцна насликал глава и шепи на пума.
Откако го завршил цртежот, Бекес отишол кај Даслер и им покажал неколку скици. Неколку тргнале на страна, но еден ги воодушевил: „Баш вака го замислувавме логото“, рекле сите тројца.
За хонорар на Лутц му предложиле две варијанти. Првата била од секоја продажба на производ Puma со неговото лого, да има по еден фенинг (1/100 германски марки). Или да добие еднократен хонорар од 500 марки (во денешно време 256 евра).
Герд Даслер дури и го убедувал карикатуристот: „Земај по еден фенинг за продаден производ. Ти заврши голема работа, можно е и понатаму да ни требаат твои цртежи“.
Лутц во главата пресметал дека на продадени 5.000 производи Puma со неговото лого би добил 50 марки (околу 26 евра според тековниот курс) и тоа му изгледало како смешни пари. Затоа се решил да избере 500 марки наеднаш, еден пар патики и ранец Puma.
Така пропуштил шанса да стане феноменално богат човек, милионер.
ЛУТЦ ТВРДИ ДЕКА НЕ СЕ КАЕ ЗА ОДЛУКАТА
Логото излегло супер и се појавило на патики, на чизми и на облека. За фенинг од секој продаден артикл сега веќе немало ни говор. Покрај тоа Лутц и Puma не потпишале никаков договор.
Понекогаш Даслерови му се јавувале да дојде и барале од него да го модернизира логото. Му давале и 1.000 марки (околу 515 евра денес), но тој често не мислел на хонорарот и цртал од љубов.
Самиот уверува дека не жали за ништо: „Еднаш на една баварска телевизија ми кажаа дека ако во тој момент прифатев фенинг од секој продаден артикл, денес би имал 22 милиони евра! И да ги земев тие пари, денес во мојот живот немаше ништо да се случи. Јас имав кариера карикатурист и живеев добро. Благодарение на тоа го прошетав целиот свет“, рекол Лутц.
Лутц вели дека засекогаш останал човекот кој го дизајнирал фамозното лого на Puma. „Некако најтешко ми паѓа што за 67 години кариера уметник, нацртав повеќе од 200.000 карикатури од кои некои добија високи оценки и коментари. Но каде и да одев, секаде сите викаат: „Ете го, тој го наслика логото Puma“.
„Можно е да не го знаете писателот Владимир Набоков, нема ништо срамно тука. Но ја знаете книгата „Лолита“. Набоков викал: „Позната е Лолита, а не јас“. Јас можам да го кажам истото: „Позната е мојата пума, а не јас“. Јас сум Набоков меѓу сликарите“.