Мирка е главна во семејството Федерер

Наместо најдобрите швајцарски тенисери, главна улога во полуфиналето на Мастерсот во Лондон одигра жена му на Федерер, која од трибините го пецкаше Станислас Вавринка додека сервираше за победа. На поранешната тенисерка не ѝ е првпат да биде во гро план.

Родена во Бојнице, Чехословачка во 1978. година, Мирка Вавринец ја почнала својата тениска кариера на 20 години. По неколку титули на младинските турнири, стигнала до 76. место на ВТА листата во 2001. година, но во истата сезона поради повреда на стопалото се откажала од активно играње тенис.

Година дена претходно, на Олимписките Игри во Сиднеј се запознава со Роже Федерер, со кого ќе се омажи во 2009. година. Имаат пар близначки, Мила и Шарлен и близнаци Лео и Ленарт. И покрај тоа што имаат 4 деца, Мирка Федерер важи за најголемата поддршка на нејзиниот сопруг, кој во една прилика изјави дека неговата сопруга досега одгледала преку 900. негови натпревари во живо.

„Роже ми даде најголема поддршка кога морав да завршам со тенисот. Осум месеци траеше опоравувањето од операцијата, а победите на Роже ги гледав како свои победи“, изјави во една прилика Мирка Федерер.

По напуштањето на приватниот бизнис, Мирка на нејзино инсистирање отвора ланец на бутици Team8 кој го држат заедно со Роже. Ако Тони Надал е главна поддршка на Рафа, а Јелена и Марјан Вајда на Ѓоковиќ, тогаш Мирка е секогаш прва во боксот навивачи на Федерер. Таа не пропушта ниту еден натпревар на Роже во Европа и САД, само ретко се одлучува да патува на натпреварите во Дубаи и Пекинг.

Федерер и самиот призна дека неговата сопруга често одлучува за неговата фризура, гардероба, начин на однесување и изјави во јавноста. Мирка неретко знае и да претера во поддршката, а таков скандал направи изминатиот викенд, кога за време на полуфиналниот дуел во Лондон меѓу Станислас Вавринка и Роже Федерер, му дофрлаше на Стен од трибините кога овој сервираше за победа.

Вавринка пропушти 3 меч топки, Федерер победи, но дуелот продолжил во соблекувалните каде колегите од репрезентацијата на Швајцарија 10 минути се објаснувале поради Мирка. На прес-конференцијата после мечот, Вавринка само што не заплаче и изјави дека му е криво што се завршило на тој начин. Ден потоа Федерер и Вавринка постираа групна слика на Твитер со колегите од селекцијата на Швајцарија и демантираа дека се скарале. Федерер се пожали на болки во грбот и затоа не го играше финалето против Новак Ѓоковиќ. Медиумите пренесоа дека Федерер само сака да се опорави до финалето на Дејвис Купот против Франција во Лил неделава.

Ноле одигра ревијално финале против Енди Мареј во О2 арената во Лондон и на тој начин годината ја заврши како прв тенисер во светот.