Денис Шаповалов има 17 години, роден е во Тел Авив, но игра за Канада. Дуелот против Кајл Едмунд од Британија ќе го памети по катастрофалниот испад кога изнервиран поради еден грешно удрен бекхенд сакаше да го удри топчето силно во публика, но тоа заврши во окото на судијата Арно Габас.
Неизвесниот дуел од Дејвис Купот во тој момент беше 2:2 во победи, а Едмунд водеше 6:3, 6:4, 2:1 пред мечот автоматски да биде суспендиран. На судијата Габас брзо му беше пружена адекватна лекарска помош а потоа го префрлиле во болница поради огромен оток под левото око.
„Среќа судијата е добро. Ова навистина е неприфатливо од моја страна. Се чувствувам ужасно, го предадов својот тим, својата земја ја оставив на цедило затоа што постапив како никогаш што не би постапил. Ветувам дека ова е последен пат да направам нешто такво. Ќе научам од ова и ќе се обидам да ја надминам ситуацијата“, изјави Шаповалов јуниорски шампион на Вимблдон.
Меѓународната тениска федерација (ИТФ) се огласи со соопштение во кое се вели дека е очигледно дека Шаповалов не го удрил намерно судијата Габас. На крајот Едмунд ни крив ни должен победи пред време и изјави:
„Чудно е да завршиш меч на ваков начин. Никогаш во кариерата не сум видел нешто слично“.