Одговор на ова прашање се обиде да добие Кристофер Бим, новинарот на GQ кој живее во Пекинг и помина неколку месеци во една од академиите за млади пингпонгари.
Бим го пренесе своето искуство на неколку страници во месечното издание на списанието, а ова се неколку клучни факти:
Кинези - Ги има премногу, што значи дека и голем број луѓе го тренираат овој спорт. Дури и во најмалите провинции има по 5 милиони регистрирани пингпонгари, а и за разлика од европејците и американците кои се повисоки и посилни, Кинезите се пониски и побрзи.
Тренинг - Во академиите децата почнуваат да тренираат од најмала возраст, техниките и вештините се тренираат два пати на ден и тоа многу напорно. По неколку неделно тренирање, Бим заклучува „дури сега пинг понгот го сфатив како вистински спорт."
Инфраструктура - Бим тренирал во пинг понг академија каде децата плаќаат од 1.500 до 5.000 долари годишно, а таму децата живеат, учат и тренираат. Потоа тие почнуваат да се натпреваруваат, подобрите ги бираат во регионални репрезентации, за на крајот најдобрите да завршат во националниот тим на Кина.
Култура - За разлика од повеќето земји во светот каде сите сакаат да бидат фудбалери и кошаркари, пинг понгот е многу популарен спорт во Кина. Некои играчи заработуваа милиони од овој спорт, обичниот народ игра пинг понг на маси по паркови и во маало. Да беше „Жена парк" во Кина, таму пензионерите ќе играа пинг понг наместо шах. Околу овој спорт во Кина се развива цела индустрија и се отвораат специјализирани продавници за пинг понг опрема.