Како Ѓоковиќ го најде лекот за проблемите и стана број 1 во светот

За старт со ѓаволски добра и точна дијагноза дадена на 14.000 км оддалеченост, дека тешкотиите со дишењето му се од таложењето токсини во цревата, настанато со дебаланс во дигестивниот тракт. Тоа е дијагнозата. Потоа на сцена стапува упорниот Ѓоковиќ на кој му се случува пресвртница во кариерата.

Во едно од најзанимливите прашања од интервјуто на Новак Ѓоковиќ за БиБиСи каде одговара дали е спремен да не се вакцинира и по цена да не се натпреварува на Роналд Гарос и Вимблдон и да не стане најдобар на сите времиња, српскиот тениски ас вели вака:

„Принципите на носење одлуки за моето тело се поважни од која било титула или што било друго. Се обидувам да бидам во тон со моето тело најмногу што можам“.

Токму принципите на Ѓоковиќ, посебно за тоа што ќе внесе во неговото тело, во интервјуто се само еден кус одговор, а во реалноста опсежна анализа раскажана во 180 страници. Се работи за книгата „Сервирај за победа“.

Нема никаква врска со пандемијата и ниту со неговата одлука да не се вакцинира, бидејќи излезе во 2013-та година, туку со тоа колку Новак на некој начин е „опседнат“ со тоа што ќе внесе во телото, кое го предаде на големи мечеви.

Тој е толку навлезен во исхраната, што ќе ви објасни зошто за вечера не јаде на пример зеленчук како морков, цвекло и пашканат, туку зелена салата со киноа, авокадо и мисиркини гради. Или зошто конзумира супа од домати или моркови со ѓумбир, а не како кај нас супа од петел останато од бабите дека е најдобра.

Се буди со чаша млака вода, никако ладна, а потоа јаде две лажици мед од манука. Тоа е темен мед што го прават пчели кои се хранат од поленот и нектарот од цветот на манука или од чајно дрво кое расте на Нов Зеланд. Добро, си може човекот.

Токму исхраната е таа што целосно му ги трансформира животот и кариерата. Му направила целосен пресврт за што до тогаш веројатно и немал појма дека тоа може да биде клучот до успехот.

Зборуваме за тенисер кој како што вели се хранел како Американците и Србите, претежно со тестена храна, особено леб како и тешки јадења со месо, барем два пати на ден. Неговите држеле пицерија. На паузи на секој натпревар бутал чоколада и други слатки, со надеж дека ќе му дадат повеќе енергија.

Цехот со нездрав начин на исхрана го платил на повеќе натпревари, несвесен зошто нема сила да издржи во клучните моменти. Ќе одиграл еден сет, два, три и потоа паѓал без разлика дали води или не.

„Имав знаење, талент, мотив, Имав средства за да испробам сите познати видови тренинг, психички и физички, имав пристап до најдобрите светски доктори. Никогаш воопшто не се посомневав што всушност ме попречува. Правилно вежбав и тренирав. Но, се хранев погрешно“, вели Ѓоковиќ.

„Само што тргнав на искачувањето на врвот, го допрев дното. Имав само 19 години и бев непознато момче, од земја разурната во војна, кое ненадејно се појави во професионалната сцена. Имав низа од девет победи и требаше да преминам во водство во финалето на Отвореното првенство на Хрватска во Умаг, во 2006-та година. Публиката беше на моја страна, тимот ме бодреше. Но јас не ги слушав. Ја слушав само вревата во главата. Чувствувам само болка.

Нешто ми го затна носот, ми ги стегаше градите, ми влеа олово во нозете. Погледнав преку мрежата во својот противник Станислав Вавринка. Погледнав кон трибините каде што седеше мајка ми. И тогаш, наеднаш, силата на гравитацијата ме повлече на црвената земја и гледав во широкото хрватско него, додека градите ми се стегаа. Проклетството, таинствената сила што ми ја исцицуваше силата без предупредување повторно ме нападна. И колку силно и да вдишував, воздухот не навлегуваше во градите. Татко ми Срѓан дотрча на теренот со доктор, ме фати за рацете и ме подигна, па ме седна на столчето крај теренот. Погледнав во мајка ми, која липаше на трибините и знаев, овој турнир е завршен.

А можеби завршив и со мојот животен сон. Поголемиот дел од луѓето на шестгодишна возраст не одлучуваат што сакаат од животот, но јас, да. 13 години пред тоа седев во малата дневна соба над пицеријата на моите родители, во едно зафрлено место на планината Копаоник, го гледав Пит Сампрас како го освојува Вимблдон и знаев – еден ден и јас ќе го сторам тоа“.

Ѓоковиќ вели дека во него имало нешто што не е добро, здраво, силно. Некои го нарекувале алергија, други астма, трети пак дека едноставно станува збор за недоволна физичка подготвеност. Никој не знаел да го излекува или да го поправи.

Колабирал и на други мечеви, како на пример на првото појавување на Ролан Гарос, кога како 153-ти во светот го шокирал осмиот носител Гиљермо Корија, земајќи му го првиот сет. Во третиот нозете му се претвориле во камен, не можел да дише и морал да го предаде мечот.

Слично нешто му се случило и по три месеци подоцна на првиот настап на Отвореното првенство на Америка, против Гаел Монфис.

„Лежев на грб како насукан кит на температура од 27 степени и голема влага, се борев со здив и го чекав физиотерапевтот. По четири тајмаути, поради што чувствував срам, некако успеав да го добијам мечот, но публиката ме испрати со свирежи, а целиот турнир се зборуваше само за мојата физичка неподготвеност. `Можеби треба нешто да смени`, предложи Монфис.

Се обидов. Тренирав секое утро и попладне, кревав тегови, возев велосипед и секој ден со часови трчав без прекин. Беше бесмислено тоа не дека не сум физички подготвен. Ги менував тренерите за кондиција, барав нов начин на вежбање. Го оперирав носот надевајќи се дека ќе ми го олесни дишењето. Секоја промена малку ми помогна, од сезона во сезона без се посилен и поподготвен. Во 2007 година станав втор тенисер кој успеал да ги победи Федерер и Надал, откако се качија на самиот врв. Сепак, секогаш кога ќе направев голем чекор кон остварување на мојот сон, како назад да ме повлекуваше некое јаже врзано околу телото“.

Мислејќи дека проблемот не му е од физичка, туку од психичка природа, почнал да медитира и да вежба јога за да го смири умот. Ѓоковиќ тренирал опсесивно по 14 часа на ден, секој божји ден и така влегол во топ 10 во светот.

„Но, јас имав сон, а тој не беше да станам еден од најдобрите. Тогаш во светот најдобри беа двајца, Федерер и Надал и јас за нив бев само повремена пречка, некој што би можел да го предаде мечот во секој момент штом се најде во тесно. Тие беа елита, а јас бев некаде во втората класа. Во јануари 2008-ма го освоив првиот Гренд слем турнир и тоа беше големо придвижување. Но една година подоцна морав повторно да предадам меч, овој пат против Енди Родик.

Бранам титула, а предавам меч? Што е со мене? `Грчеви, птичји грип, антракс, САРС, кашлица и настинка, рече Родик за мене, потсмевајќи ми се што толку често се разболувам. Дури и Федерер, инаку џентлмен кој ретко коментира, ме омаловажи во разговор со новинарите: Мислам дека тој е шега, знаете, со тие негови повреди“.

27 јануари 2010-та, четвртфинале на Австралија опен. Нов проблематичен меч за Ѓоковиќ, но овој пат клучен за пресвртница во кариерата. При водство од 2:1 против Цонга, не можел да дише и го молел судијата да му дозволи да оди во тоалет.

„Потрчав кон соблекувалната, влетав на терен во тоалетот и паднав на колена. Се фатив за веце шолјата, стомакот ми се грчеше и имав чувство дека ќе ја повратам целата своја сила“.

Ѓоковиќ се вратил, но нозете му тежеле. Цонга направил пресврт и победил со 3:2. Во еден момент загубил поен со двојна сервис грешка, исцрпен и без сила за да сервира во поле.

„Тој јануарски ден 2010-та тениските коментатори мислеа дека знаат што се случува со мене и зборуваа дека повторно имам напади на астма, А сепак, кога ја направив онаа двојна сервис грешка и кога не можев да дишам, не можев ниту да претпоставам дека ми се случува нешто сосема друго. Од 13 години постојано се задушував, особено ноќе. Се будев целиот зашеметен. Постојано бев уморен. Се чувствував подуен, иако тренирав по три пати на ден.

Страдав од алергии што се влошуваа на влажно време или напролет. Но она што ми се случуваше немаше никаква смисла. Астматичен напад добивате штом ќе почнете да вежбате, тој не се појавува по тричасовен меч. Мојот проблем никако не можеше да биде ниту лошата кондиција. Вежбав исто толку напорно како и другите играчи и сепак во важните мечеви против најдобрите играчи, добро се држев во првите два сетам, а потоа нагло паѓав“.

Најлошиот момент во кариерата на Ѓоковиќ му станал и најсреќен. Како тоа? Ете ги тие 14.000 км оддалеченост и ѓаволски добрата дијагноза која му ја дал српскиот нутриционист д-р Игор Четојевиќ на кој сопругата во нивната куќа во Кипар му рекла да гледаат тенис. Ѓоковиќ против Цонга.

Тој го следен неговиот сонародник како се крши на терен и претпоставил дека проблемот се крие во исхраната. Поточно речено, претпоставил дека тешкотиите со дишењето потекнуваат од таложењето токсини во цревата, настанато со дебалансот во дигестивниот тракт.

Доктор Четојевиќ и татко му на Ѓоковиќ имале заеднички пријатели во Србија. Договориле средба на која го прашал Новак како се храни, како спие, како живее и како е растен. Му дал насоки да креира своја исхрана која ќе му одговара на неговото тело.

18 месеци подоцна со новиот начин на исхрана Ѓоковиќ во 2011-та ги освојува следниве резултати: 50 победи на 51 меч, серија од 43 победи, 10 освоени турнири од кои три Гренд слем и станува број 1 на АТП.

Подвиг во една година за кој Надал изјавил дека играта на Ѓоковиќ е највисокото ниво во тенисот што некогаш го видел, а некои спортски коментатори ја сметале за најдобрата натпреварувачка сезона во историјата на тенисот.

„Од добар не станав најдобриот во свет за само 18 месеци заради новата програма на тренирање. Новиот рекет, новиот метод на вежбање, новиот тренер, па ниту новиот начин на сервирање не ми помогнаа да ослабам, да се здобијам со концентрација и да бидам поздрав од кога било. Тоа го направи новата исхрана. Животот ми се смени затоа што почнав да јадам храна што му одговара на моето тело. Во првите три месеци со новата исхрана ја намалив тежината од 82 на 78 кг, а семејството и пријателите се загрижија дека сум премногу слаб.

Но јас се чувствував посвежо, бодар, полн со енергија како никогаш претходно. Бев побрз, поеластичен и ги стигнував топчињата што другите играчи не можеа да ги стигнат, а од друга страна бев посилен од кога било и концентрацијата ми беше нескршлива. Воопшто не се заморував, ниту пак го губев здивот. Алергиите ми се повлекоа, астмата ја снема, повеќе не ме мачеа стравови и сомнежи, туку станав полн со самодоверба. Речиси три години ниту еднаш не добив потешка настинка“.

Само неколку дена откако го исфрлил глутенот, протеин што го содржи пченицата, физички се чувствувал многу подобро. Бил полесен, побрз, со побистар ум и со посвеж дух. Потоа го намалил внесувањето на шеќер и ги исфрлил млечните производи.

Исхраната станала тема која постојано ја усовршувал и задолжително на секое патување барал апартман со кујна за да може и сам да готви. За да сфатите каква е чинијата на шампионот, ќе мора да ја прочитате книгата, во спротивно статијава ќе стане чаршав со рецепти. Новак внимава на секој залак што ќе го внесе во своето тело, а од тогаш тоа повеќе не го изневерува.

16 февруари 2022 - 15:59