Новак Ѓоковиќ: „Попрво би ги жртвувал сите трофеи отколку да бидам приморан на вакцинација“

На почетокот на јануари светскиот рекет број 1 стигна во Австралија со медицински исклучок, со цел да учествува на Отвореното првенство на оваа земја. Но му ја укинаа визата и после две судења и повеќе од една недела во имиграционен хотел, беше депортиран и не играше на Гренд Слем.

Во интервју за БиБиСи кој будно го следеше неговиот случај од стапнување на австралиска земја па сè до депортацијата преку Дубаи во Србија, Ѓоковиќ (34) отворено зборува:

„Разбирам дека има многу критики и сфаќам дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа колку сум имал среќа и колку сето тоа било згодно. Но никој не е среќен да добие корона. Милиони луѓе ја имаат и се борат со тоа ширум светот. Затоа ова го сфаќам многу сериозно и не ми се допаѓа што некој мисли дека нешто сум злоупотребил како би добил позитивен PCR тест и би отишол во Австралија.

„Никогаш не сум бил против вакцинацијата. Секогаш ќе поддржувам слобода на избор за нешто што ставате во своето тело. Се прават максимални напори за да се ослободиме од вирусот и јас сум свесен за тоа. 

„Бев навистина разочаран и тажен од начинот на кој се заврши сè за мене во Австралија. Грешката во визната декларација не е намерно направена. Тоа го прифатија и го потврдија сојузниот суд и самиот министер во Министерство за имиграција во Австралија.

Она што малку луѓе го знаат е дека не сум депортиран од Австралија врз основа на тоа што не сум вакциниран или сум прекршил некои правила. Сето тоа е всушност одобрено.

Причината поради која сум депортиран од Австралија е таа што министерот за имиграција го искористи своето дискреционо право да ми ја поништи визата врз основа на перцепција дека би можел да создадам некое антиваксерско чувство во земјата или градот, со што не се сложувам во целост“, вели Новак.

Во ексклузивно интервју за британскиот БиБиСи, Новак се осврна и на вакцинацијата која покрена толку голема бура.

„Ги разбирам последиците на мојата одлука. И бев спремен да не одам во Австралија. На повеќе турнири не можам да одам и тоа е цена која сум спремен да ја платам.

Дали си вакциниран против Ковид?

„Не сум“.

На новинарско потпрашање, дали е тоа цената која си спремен да ја платиш за да не бидеш најдобар на сите времиња, Ѓоковиќ кратко вели:

„Да“.

Дали е тоа цена која си спремен да ја платиш да не одиш на Ролан Гарос и Вимблдон?

„Да“.

Зошто Новак? Зошто?!

„Затоа што принципите на носење одлуки за моето тело се поважни од која било титула или што било друго. Се обидувам да бидам во тон со моето тело најмногу што можам“.

Ѓоковиќ во големото, опширно интервју вели и дека се надева дека протоколите за некои турнири ќе се менуваат, односно дека се надева дека ќе може „да игра уште многу години“. Повторно запрашан зошто не сака да се вакцинира, вели дека неговото тело е најважно од сè но дека не донел никаква одлука.

Откако неговиот ривал но и голем пријател Рафа Надал го освои историскиот 21. Гренд Слем пехар во кариерата и сега ги престигна Федерер и Ѓоковиќ, Новак ќе мора да се надева на уште некој Гренд Слем трофеј во трката. 

Како во моментов стојат работите, актуелните мерки и протоколи полека му одат во прилог на Новак Ѓоковиќ затоа што доколку тој се пријави за Ролан Гарос или Вимблдон кои се во јуни и јули, нема да мора да биде во изолација и карантин како невакциниран. 

Негов најголем проблем во моментов би можеле да бидат турнири во САД каде е задолжителен сертификат за вакцинација за влез во земјата.

УС Опен се игра на крајот од август секоја година, така што до тогаш има уште време за промена на ситуацијата околу правилата и протоколите. Во март на машкиот АТП се играат два големи турнири.

15 февруари 2022 - 09:24