Историски триумф на 17 годишниот Стефан Тренески на Формула 4

Стефан Тренески продолжува брзо и сигурно да се пробива во светот на елитниот мотоспорт. 17-годишниот талент од Македонија победи на второто издание на Formula4 CEZ Academy, одржано во Чешка.

Ова е едно од натпреварувањата, кое е првата станица кон Formula 1 и прв ваков резултат, во ваква конкуренција и висококвалитетно натпреварување, на еден возач од Македонија.

„Исклучително сум среќен и благодарен за можноста да учествувам на Formula 4 Academy. Голема благодарност до LukaMotorsport тимот од Чешка за поканата да учествувам на овој натпревар кој преставува огромен предизвик за мене. Силната конкуренција ме доведе до моите моментални лимити. Возењето на Ф4 болидот беше остварување на детскиот сон. Беше фантастично да се запознае возилото, од техничка гледна точка и да се дознае како функционираат неговите поставки. Многу брзо се прилагодив на истото , најмногу благодарение на интензивните подготовки на Formula 4 симулаторот", рече Стефан Тренески по завршувањето на интензивното четиридневно натпреварување.

F4 CEZ шампионатот е сертифициран од страна на FIA, како ново официјално првенство на Централна Европа.

Тренески и остантите млади таленти, кои се јуниорскиот крем од автомобиилстички развиените европски земји, имаа предавања од ментори, тренери кои се значајни имиња во светот на автомобилизмот. Академијата посветува сериозен дел од тренингот, на физичката и на менталната подготовка, со кондициски тренери и со психолози, каде Тренески исто така покажа беспрекорни резултати.

Стефан Тренески веќе втора година е член на британскиот еспорт тим на Brabham Motorsport, (бивш Формула 1 тим и сегашен учесник во GT натпреварите) возејќи на симулатор, а честитките за неговиот резултат стигнаа веднаш и од неговиот тим. Ова не е негов прв успех во јуниорската програма.

Тој минатата година доминираше во проектот „Formula Star“, што му обезбеди место во годинешната сезона на европскиот Renault Twingo Cup. Со овој резултат, победата на CEZ F4 Academy, Стефан Тренески обезбеди стипендија за учеството во првенството на CEZ Fоrmula4 за сезоната 2026, натпревари на кои ќе се одржуваат на автомобилските патеки ширум Европа како Редбул Ринг и Салзбург Ринг во Австрија, Словакија Ринг во Словачка како и  Мост и Брно во Чешка.

На овие натпревари учествуваат професионални тимови од Германија, Швајцарија, Унгарија, Австрија и Чешка, како и возачи од целиот свет како Аргентина, Англија, Мексико, Данска, Швајцарија, Чешка, Франција, Канада, Австрија и Германија.   

10 април 2025 - 12:01