Некогашниот шампион и светски рекет број 1 пред неколку дена бил пуштен од затвор во Велика Британија каде лежел од април годинава. Иако пресудата гласела 2,5 години затворска казна поради затајување данок од 2,5 милиони фунти после банкротот (во кариерата Германецот заработил околу 160 милиони долари), Бекер на 15. декември бил пуштен.
Слободата му дошла во согласност со законската пракса за странски државјани во Велика Британија. Бекер прво три месеци лежел во суровиот затвор ХМП Вандсворт за подоцна да биде префрлен во Хантеркомб каде одлежал уште пет месеци.
Во интервју веднаш по излегување од затвор за германски канал кој платил околу 400.000 евра за таа ексклузива, Бекер отворил душа.
„Јас веднаш се судрив со реалноста, со која никогаш претходно не се сретнав. Беше опасно. Се трудев никого да не гледам во очи и да седам во свое ќоше.
(Затворот) Вансврот е многу голем, многу грозен, неверојатно опасен. Таму седат педофили, убијци, наркодилери, ти си меѓу сите. Најважно е да преживееш. Излегуваш од соба и треба да ја сочуваш сопствената кожа - чуварите тоа нема да ти го направат.
Во собата нема огледало зошто е можно да го скрши некој и да го користи како оружје. И кога првпат се видов себеси после заклучувањето, ми беше страшно.
Кога ги затвораат вратите од келијата, цел свет како да ти се руши. Тоа беше најтешкиот момент во мојот живот. Остануваш сам со себе со своите мисли. И во глава секако, се ти се врти како на тркало. Се трудиш спокојно да дишеш. Ми беше тешко но не плачев. Најтешко ми беше да се простам со девојка ми. И кажав: „Ти не си обврзана да ме чекаш, ти си млада и убава жена. Но таа ми одговори: „Не зборувај такви глупости, ќе се справиме заедно“.
„Во затвор си никој. Ти си само број. Мојот беше А2923ЕВ. Не се викав Борис, бев само број. Никому не му е гајле кој си ти.
Новинарот забележал дека Бекер изгледал потиштено, со променета боја на коса и ослабнат.
„Верувам дека повторно го открив човечкото во себе, личноста која некогаш бев. Научив тешка лекција. Многу скапа. Многу болна. Но целата работа ме научи на нешто многу важно и вредно. И некои работи се случуваат со добра причина“, вели Бекер и продолжува.
„Од шест часот тоа утро (кога го напуштил затворот) седев на крајот од својот кревет и се надевав дека ќе ја отворат ќелијата. Дојдоа по мене во 7:30, отклучија врата и ме прашаа: „Спремен ли си?“ Реков: Одиме! Веќе претходно спакував сè.
Во затвор тој тренирал и се поддржувал со другите затвореници. Но имал и животно загрозувачка ситуација кога еден затвореник сакал да го убие.
„Еден затвореник по име Џон ми кажа дека ако не го направев тоа и тоа, ќе ме убиел.“
Им кажал за ова на тројца други затвореници кои подоцна му го спасиле животот. „За среќа имав поддршка од тие тројца другари и тој после дојде да ми се извини“.
Имал закани кои му го отежнале престојот и му го направиле кошмар. „Имав две големи грижи, тоа што делам келија, бев страшно преплашен. И тушот. Филмовите не ми помогнаа, кога го гледаш сапунот како паѓа на под...“
ГО ОДБИЛЕ КЛОП ЗА ПОСЕТА
Во затвор, некогашниот светски рекет број 1 морал да се грижи сам за себе.
„Екстремна гужва е (кај тушевите), екстремно валкано, екстремно опасно, со убијци, сексуални понуди, дилери на дрога, сè и сешто... И мора да водиш грижа за себе зошто чуварите не водат“.
Во еден момент тренерот на Ливерпул Јирген Клоп побарал да го посети, но затворските управници не му дозволиле, го одбиле.
„Многу близок пријател сум со Клоп и сакаше да ме посети. Им дадов име и на властите, но подоцна стигна одговор дека не може да ме посети зошто бил многу позната личност“.
ЗАД РЕШЕТКИТЕ СИ НИКОЈ И НИШТО
„Зад решетките ти си никој. Веднаш сфаќаш. Само број си. Никој никогаш не ми рече Борис. Не им е важно кој си. Го минував времето учејќи ги затворениците англиски и математика. После неколку недели учев филозофија стоицизам и ја совладав. (Во денешно време, изразот стоицизам предизвикува чувство на ладнокрвност и непоколебливост, а пак стоик означува лице што мирно и спокојно ги поднесува тешкотиите). Бев и тренер по физичка подготовка. Размислував многу, ги препознав своите грешки. Сакав да останам на прав пат. Добив втора шанса и сега на мене е. Низ годиниве живеев над своите способности. Долго време верував дека можам да живеам како во моите славни денови. Сега е доста“.