И Тур де Франс крена бело знаме

Најпознатата велосипедска трка на светот, најверојатно ќе стартува на 29 август, одлучија организаторите, откако француската влада и претседателот Макрон ја продолжија забраната за масовни собири до средината од јули поради пандемијата на вирусот.

Најголемиот велосипедски настан кој минатата година доби нов владетел, Колумбиецот Еган Бернал (прв Јужно-американец кој славел на Тур де Франс), првично требаше да се вози од 27 јуни до 19 јули кога традиционално требаше да заврши на Елисејските полиња во Париз.

„Неопходно е одржувањето на овој настан да биде во најдобри можни услови затоа што има централно место во велосипедската економија“, се вели во соопштението од Меѓународната велосипедска унија (UCI).

Првично организаторите на Трката околу Франција го одбиле предлогот етапите да се возат без гледачи и навивачи, затоа што тоа никогаш во 107-годишната традиција не се случило. Сега нов термин ќе треба да одреди и Вуела а Еспања, трката низ Шпанија чиј распоред беше од 14 август до 6 септември.

Тур де Франс е само еден во низата големи настани кои се одложија за подоцна годинава. Претходно одложени беа Вимблдон, Летните Олимписки Игри, Европското првенство во фудбал како и сите други клупски првенства во разни спортови.

15 април 2020 - 14:27