Ѓоковиќ појак и од Фриц и од домашната публика

Најтрофејниот тенисер на Гренд слем на сите времиња, Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфинале на Отвореното првенство на САД откако со 3-1 во сетови 6:3, 7:5, 3:6, 6:4 го совлада Американецот Тајлор Фриц и закажа мегдан со Карлос Алкараз во полуфинале.

За 37-годишниот Србин ова е рекордно 53-то полуфинале на Гренд Слем а тој веќе има четири шампионски титули во Њујорк.

Ова беше 11-та победа на Ѓоковиќ над 10 години помладиот Американец Тајлор Фриц.

Сега во полуфинале го чека тешкиот и секогаш незгоден ривал, 22-годишниот Карлос Алкараз против кого Ѓоковиќ има подобар учинок 5-3 во меѓусебни дуели од кои една е славната победа во финалето на Олимписките Игри 2024, но и два порази во финале на Вимблдон.

Српскиот тенисер сезонава стигна најмалку до полуфинале на сите четири Гренд слемови. Но по крајот од средбата со Фриц се пожали на повреди и изрази загриженост за тоа во каква состојба ќе се појави пред Алкараз.

Новак Ѓоковиќ по крајот од мечот одигра еден танц и направи кореографија која што ја учел со ќерка му чиј роденден бил на 2-ри септември.

 

3 септември 2025 - 07:51