Французинките се светски шампионки

Женската ракометна репрезентација на Франција е нов светски првак откако вечерва во финалето на Мундијалот во „Јиске Банк Арена“ во данскиот град Одензе ја совладаа силната Норвешка 31:28 (21:17).

Во големото финале најефикасни беа Лена Гренво и Тамара Хорашек кои постигнаа по пет гола, а огромен удел во светската титула имаа уште и Валентини и Канор кои по четири пати се запишаа во листата на стрелци.

Кај Норвежанките стрелец број еден беше нивната најдобра ракометарка Нора Мерк со осум гола, Офтедал додаде шест, а Реиштад стигна до пет погодоци.

Французинките сега може да се гордеат со обединети Олимписка и светска шампионска титула. По трет пат го кренаа највредниот пехар, оној мундијалскиот и им вратија на најголемите ривалки за поразот на Светското пред две години.

Во дуелот за третото место, Данска ја совлада Шведска со 28:27 (18:15) и стигна до вреден бронзен медал. 

Скандинавките подобро го започнаа дуелот, на два пати имаа предност од ддва гола но Французинките се навикнаа на темпото и набрзо ја стабилизираа одбраната што им донесе прилика за подобро организирани напади.

Норвешка влезе и во серија на грешни додавања а Франција тоа успешно го користеше и два пати дури и се одлепија на плус четири гола разлика. На паузата „триколорките“ отидоа со водство 20:17.

Во вториот дел, пресликана игра на двете селекции и трка во која подобро се снајдоа Французинките кои заслужено славија, освоија светско злато и следното лето ќе ја бранат олимписката титула во Париз.

Во дуел за петтото место Холандија беше поуспешна од Германија со 30:26 а седмото место и припадна на Црна Гора која ја доби Чешка со 28:24.

17 декември 2023 - 20:57