Детето од угледна московска фамилија кое го скроти големиот Ѓоковиќ и освои прв Гренд Слем

За разлика од ексцентричните полетни ама зелени тенисери кои тешко го изодуваат патот до професионализмот, Данил Медведев се изборил со сите предизвици и стигна до најголемиот пехар во неговата кариера.

Победата на Данил Медведев (25) на УС Опен е главна тема на денот во светот на спортот. Русинот ја освои својата прва титула на еден Гренд Слем турнир, а триумфот добива на уште поголем значај ако се знае дека во финалето го собори титанот кој се бореше да влезе во вечноста со 21 Гренд Слем пехар со 6:4; 6:4, 6:4.

Данил Медведев во тенисот влегол случајно, но неговиот пат до елитата не бил едноставен и спонтан. Напротив.

Во семејството Медведеви имало култ на образование. Родителите на тенисерот, Сергеј и Олга Медведеви раскажуваат дека синот од детство се занимавал со сè: музика, цртање, јазици, шах, пливање, а паралелно одел и во многу тешко физичко-математичко школо (во Русија познато како лицеј)

„Ако стварно се задржавме на нешто на план на неговиот развој, тоа е стремежот да најдеме најдобри школи, а во најдобрите школи има најдобри учители. Ако учеше шах, одеше во школата на Петросјан. Сметавме дека да се оди на несериозно место и со несериозни учители е само губење време. Како по правило, родителите ги носат децата најблиску до дома, само за да не седи детето дома. Ние имавме поинаков пристап“, вели таткото на новиот шампион на УС Опен, Сергеј Медведев за Спорт Ескпрес.

Притоа родителите му оставиле доволно слобода за избор на малиот Данил Медведев, да се занимава со тоа што му е интересно. Така со годините малиот сам ги елиминирал шахот и пливањето, ама се држел до јазиците (одлично говори англиски и француски).

Подоцна кога во прв план дошол тенисот, родителите станале продуценти на семејното шоу: татко му бил задолжен за финансиите, мајка му за логистика. Имал голема поддршка.

Семејството по извесно време се преселило во Франција и тоа само поради тениските перспективи и потенцијал на Данил (го продале станот во Русија).

„Во Франција станувавме во шест. Во 7:30 веќе почнуваше тренингот. Јас требав да спремам ранец со опрема и протеини. Татко му го возеше на тренинг. После тренинг се враќаа брзо дома некаде кај 10:30-11:00, а јас за тоа време спремав ручек. Дана поспиваше уште малку меѓу тренинзите. На вториот треннг попладне одеше свеж, сит, не мислеше на никакви проблеми. Совршено беше ослободен од сите прашање надвор од тенисот“, вели мајка му Олга Медведева.

ЕКАТЕРИНА КРИЧКОВА ПРВ ТРЕНЕР

Данил Медведев првпат со тениско топче сериозно се запознал во тениската школа на Екатерина Кричкова, првиот тренер на некогашната шампионка Вера Звонарева. За неа родителите на Данил дознале од плакат во еден базен кога го носеле на пливање.

Екатерина била многу строг тренер и знаела да препознае талентирани деца со силен карактер и спортска дрскост. Таа за него била инспиративен тренер која го вљубила во тенисот. „Многу сме ѝ благодарни. Она е заслужна што Дана научи како да се бори, како да игра“.

Кај неа Медведев тренирал три години па заминал во друга тениска академија.

СЛЕДНА ФАЗА, НОВИ ТРЕНЕРИ

Откако си отишол од кај Екатерина Кричкова, се запишал во школата на тениските тренери Игор Челишев и Иван Приданкин.

Таму ја приметиле неконвенционалната техника на Данил и акцент ставиле на натпреварувачкиот дух. Татко му на Медведев се сеќава дека кога го прашал тренерот Челишев какви се шансите малиот да му успее во тенисот, рекол: „Па, само погледни колку долг замав има“.

Во разговор со сајтот Esquire, Приданкин лани раскажал:

„Данил Медведев дојде кај нас во ’Мосрентген’ кога имаше 12 години. Прво почна да тренира индивидуално со Игор Челишев, а после родителите немаа доволно финансиски можности за индивидуални тренинзи, па Дана тренираше во група со други деца и од време на време го носеа во “Олимпиец“ да тренира бесплатно наутро. Тука дојдов и јас да го тренирам. Не тренираше многу, по пола час дневно, пет пати неделно плус три пати општа физичка подготовка во група и некогаш индивидуално со мене“.

ЖИЛ СЕРВАРА, ЧОВЕК КОЈ ГО ВНЕЛ МЕДВЕДЕВ ВО ПРОФЕСИОНАЛЕН ТЕНИС

Французинот Жил Сервара кој на професионално ниво не отишол повеќе од Фјучрс турнири, на 30-ина година се зпознал со Данил Медведев на Азурниот Брег. Сервара работел во академијата на некогашниот тенисер Жан-Рене Лиснар кој во Кан ја отворил академијата Еlite Tennis Center и дошол таму на првата средба со Медведев кој штотуку пристигнал во Франција за да се посвети на тенисот.

Во прво време Данил тренирал со Лиснар но набрзо станало јасно дека по темперамент повеќе му одговара да тренира со Сервара кој важи за весел тренер како што го опишуваат родителите на Медведев.

Токму со тренерот Сервара, рускиот тенисер почнал да влегува во сериозниот свет на тенисот: од Фјучрси до финале на Гренд Слем па и титула на Гренд Слем.

Во 2017-та Сервара го убедил Медведев да се вложи целиот во тенисот а не да се движи по патот по кој поминале илјадници други тенисери. Еднаш на пат од Монтреал до Синсинати, Данил Медведев му рекол:

“Зошто ние сериозно не се фатиме со тенисов? За такво нешто треба голема посветеност кон работата, психолошка сила. А јас имам впечаток дека нема смисла во тоа. Жил се насмеа и ми кажа: „Океј, ајде да провериме дали има смисла. Можеби си прав. Сега се смее и вика: „Ех Данил, памтиш ли што ми викаше? Што мислиш сега?“

ФРАНЦИСКА ДОЗЕ, ПСИХОЛОГ

Психологот Франциска Дозе е жена за која тренерот на Медведев вели дека средбата со неа била клучен момент во создавањето топ играч од Данил. Францускиот тренер се сретнал со неа во средината од 2018-та и до крајот на таа сезона Данил Медведев за дупло ги зголемил титулите на ATP, а во 2019-та порано го прекинал турот зошто одигра девет финалиња од кои шест по ред.

Психологот Франциска Дозе работи во спортот уште од 2000-те години и работи со таоистички практики и медитации и ги учи спортистите да го слушаат своето тело.

„Направивме огромна еволуција. Данил се смени и во играта и надвор од теренот, па вие сами гледате колку е скромен, прагматичен и посветен. Надвор од турнирите ние поминуваме многу долги сеанси а меѓу мечевите имаме малку време иако и тогаш зборуваме“, вели Дозе.

Очигледно таа од него направила мирен тенисер кој внимава да се контролира на теренот. Во полуфиналето на минатогодишниот УС Опен, Медведев жустро му се обрати на судијата со зборовите: „Како јас да сум убил некого, а?“, но од тогаш до денес имаше само пар киксови (среден прст до публиката на УС Опен во Њујорк по што го критикуваа на социјалните мрежи и груб однос со едно дете задолжени за топчиња и пешкири). Но важно е да се напомене дека до средбата со Дозе не победил ниеден противник од топ 50, а откако почнал да работи со неа победил на повеќе од пола мечеви против подобро рангирани противници.

Во неделата вечер на 12 септември го освои драгоцениот пехар на УС Опен, негов прв Гренд Слем трофеј во кариерата и најави дека е главен знаменосец на новата генерација млади тенисери.