Берлускони се враќа на голема врата во политиката, не и во Милан

Тој е ноќна мора за италијанската левица и партијата во подем „Пет ѕвезди“. Има еден куп кривични пријави за него, обвиненија и тужби а додека тој оди на рочишта, славниот Сорентино за него снима филм. На Берлускони му е интересно и без Милан.

Во есента 2011 тогашниот премиер на Италија Силвио Берлускони (првиот милијардер шеф на влада) даде оставка како резултат на економската криза која што тресеше Европа. Во април 2017-та Силвио го продаде Милан со кој владееше цели 31 година и со новиот свеж капитал ја задржа власта во медиумскиот гигант Mediaset.

А на 5. март 2018, пред неколку дена десно-центристичката коалиција која ја предводеше Берлускони победи на парламентарните избори. Коалицијата на ’Берлуска’ добила 37% од гласовите, ја победила партијата во подем „Пет ѕвезди“ (32,68%) но не стигнала до 40% (законски минимум за формирање влада).

81-годишниот Берлускони ја почнал предизборната трка како аутсајдер со нови кривични пријави зад своето име но си ја врати честа на средина меѓу левата Демократска партија и евроскептичното движење „Пет ѕвезди“. Симболично се совпадна победничката серија на „Росонерите“ и свежиот триумф на Берлускони на изборите.

Минатата есен неговата партија Forza Italia неочекувано победи на регионалните избори на Сицилија и за враќањето на Силвио почнаа да зборуваат со посериозен тон.

МАФИЈА, БИЗНИС И СЛЕДЕЊЕ

Ако кариерата на Берлускони поминуваше без судови, тоа немаше да биде Берлускони.

Се почна во октомври кога приказната ја испровоцирал Џузепе Гравиано - еден од поранешните босови на Коза Ностра од фамилијата Бранкачо, обвинета и осудена во 1994-та година за организација на терористички напади во Милано, Фиренца и Рим.

Мафијашот му раскажал на новинарот дека зад бомбашките напади стоел Силвио Берлускони.

Затворски цимер на Гравиано му бил Умберто Адинолфи - виден член на озлогласената Камора. Во интервју на новинарот му откриле: „Берлускони ја сакаше власта но местата на врвот беа зафатени. Тогаш дојде кај мене и ми кажа да направиме некој случај“.

После ова властите отвориле истрага против Берлускони - трет пат само за овој случај (претходните немале епилог).

Во јануари Берлускони го обвиниле за подмитување на сведоците во долгогодишниот случај Руби. Таа историја го чинеше Силвио многу: се појави вест за секс-забави на кои присуствувале и малолетнички. Во 2013-та година Берлускони го осудиле, во 2014-та го ослободиле од обвиненијата, а во 2015-та следувало ново обвинение: Силвио е обвинет дека дал 10 милиони евра на 22 сведоци да молчат. Судењето ќе започне на 5. април.

17-годишната Руби (Карима ел Марут) во 2010-та

Во јануари годинава се отворила истрага и за наводно перење пари при продажбата на Милан на што Берлускони само се насмеал. Сопственикот на Милан, Кинезот Јонхонг Ли им се заканил со тужба на редакциите на Il Secolo XIX и La Stampa.

Силвио на 27. февруари годинава го дал на суд францускиот медиаконгломерат Vivendi. Во април 2016-та Mediaset и Vivendi договориле алијанса: компаниите да ги сменат улогите, а еден од каналите на Силвио - Mediaset Premium за 880 милиони евра да премине во сопственост на Французите.

Но после неколку месеци Vivendi ги сменил условите - барале само 20 проценти од акциите во Mediaset Premium наместо 100 па Берлускони ги дал на суд уверен дека му нанеле финансиска штета од цели 3 милијарди евра.

ФИЛМ НА СОРЕНТИНО

Додека Берлускони игра пинг-понг во судовите, легендарниот Паоло Сорентино снима филм за него под наслов „Тие“ (Loro). Трејлерот за него веќе се појави на интернет. Филмот свое деби ќе има на Канскиот фестивал (на крајот од април) а премиерата е најавена за 24. мај.

На Силвио му се допаднала идејата. Него го игра Тони Сервилоп, а самиот Силвио ја пуштил екипата која снима, во своите грандиозни вили на Сардинија и во Милано. Токму таму се одвивале и фамозните забави кои ги организирал Берлускони за кои подоцна се најде на суд.

СОВЕТИ ОД ПУТИН И ПЛАНОВИТЕ НА СИЛВИО

Во октомври минатата година Берлускони му подарил на Путин јорган а пред изборите добил совети од Путин. Силвио ветил зголемување на минималната пензија до 1.000 евра (денес во Италија таа изнесува 507 евра), зборувал дека ќе депортира од 500 до 600.000 имигранти и дека ќе ја подобри економијата на земјата.

Како и да е, Берлускони и да успее да собере доволно капацитет да формира влада тој тешко да стане премиер затоа што судството му забрани да извршува било каква државна функција (тој се жалел на апелација).

Но Берлускони останува најголемиот авторитет во италијанската политика. Заедно со него во парламентот влегоа и неговите стари познаници: Спикер на Сенатот стана Марија Елизабета Казелати, а за еден од претставниците на Ломбардија е избран Адријано Галијани.

ВРАЌАЊЕ ВО МИЛАН?

Во февруари новинарот на Le Parisien Филип Мартин прашувал неколку случајни навивачи на Милан на излез од клупскиот фан-шоп и тие му рекле дека ќе гласаат за Forza Italia зошто лидер на оваа партија токму Берлускони.

Навивачите не го заборавиле 81-годишниот почесен претседател на Милан: „Со него Милан беше најдобар. Со Кинезите има многу проблеми. Берлускони обрнуваше внимание на се, им честиташе роденден секому по ред дури и на најскромните работници во клубот“.

Итриот Силвио победи на изборите и после триумфот рекол:

„Како и во 1994-та, така и сега јас чувствувам одговорност за семјата. Наша задача е да не ја дадеме власта на оние со Грило (претседател на ’Пет ѕвезди’) кои ги кочат реформите. Погледнете ги нивните лидери: тие се безработници, 87% од нив никогаш ништо не работеле, ништо не направиле за своето семејство, тоа се дрдорци кои не се способни да прежиеат без парламентарните плати. „Пет Ѕвезди“ не е демократско движење туку секта чијшто лидер е еден стар кловн. Кога се запознав со него (Бепе Грило) одблизу, сфатив дека е зависен од власт, ми викаше: што е мое - мое е, што е твое мое е. Тие им завидуваат на сите кои се успешни“, Берлускони фрлил отровни стрели кон партијата „Пет ѕвезди“.

Постојат навивачи на Милан кои веруваат во фиктивна продажба на клубот и формален статус на Јонхонг Ли (така пишувале на некои форуми) и веруваат дека Силвио ќе се врати во клубот.

Постојат и теории на заговор дека Милан би можеле да го купат Усманов (Русинот кој има мнозинство акции во Арсенал) или милијардерот Риболовљев (газда на фудбалскиот клуб Монако).

Од друга страна, на 81-годишниот Берлускони денес со судски постапки, обвиненија, и кошмар за левицата и „Пет ѕвезди“ на Бепе Грило, весело му е и без Милан и фудбалот.