
Вардар одлично го започна вечерашниот дуел во Полска, отвори со високи 3:0 по првите три минути, но на крилјата на домашната публика, Висла брзо се отрезни и за кратко израмни на 3:3.
До 26. минута од првото полувреме се играше агресивен и брз ракомет со гол за гол, но Висла тогаш прв пат стекна осетлива предност (12:9). Тренерот на Скопјани свика тајм-аут, Вардарци се консолидираа и на полувреме заминаа со пристојни два гола негатива (14:12).
Скопјани исклучително лошо го стартуваа и вториот дел, во кој играа безидејно во нападот и меко во одбраната. Притоа промашија два седмерци (Дибиров и Марковиќ). Висла имаше огромна поддршка од навивачите и во еден момент стигна до огромна предност од девет голови разлика (28:19).
Шпанскиот репрезентативен голман, Родриго Коралес беше непремостлива пречка за Вардарци, „спушти ролетни“ на својот гол при што на црвено-црните не им преостана ништо друго, освен да ја намалат разликата.
До крајот, Вардар преку Душебаев намали на минус шест голови (32:26), по што стана јасно дека во Скопје, на црвено-црните ќе им треба чудо да се пласираат во ТОП8 фазата. Токму Душебаев со 10 голови беше прв стрелец во редовите на Вардар, а Тимур Дибиров запиша за него скромни пет голови. Иван Никчевиќ со шест погодоци беше најефикасен во полскиот состав, кој следната сабота ќе гостува во Скопје.