Пред 19.000 гледачи во „Ланксес Арената“ во Келн, Вардарци дебитираа на најголемиот ракометен настан во европскиот клупски ракомет. И тоа против актуелниот шампион Барселона.
Пред мечот, општа констатација на македонскиот шампион беше дека нема што да загуби и дека оди да се надигрува со 9-кратниот европски првак.
Каталонците го отворија полуфиналето со голот на Филип Јиха од контра по загубената топка на Душебаев. На другата страна Гарсија го одбрани првиот шут на „Црвено-црните“, но брзо Вуко Борозан го постигна првиот историски гол за Вардар (42-ри во ЛШ сезонава).
Тунижанецот Жалуз којшто го знаеме добро од репрезентативните дуели надмоќно скокаше над Вардаровата одбрана и со два гола ја чуваше позитивата на тимот на Пасквал. Варгас со луда интервенција го спречи Борозан да израмни на 2-2, а Ривера ја однесе Барса на +2.
Како и во целата сезона, Раул Гонзалес преку брзи ротации го амортизираше притисокот на Барса, а во таква ситуација најдобро се снајде Вуко Борозан кој со две нови бомби не ѝ дозволи на Барса да се одлепи.
Избраниците на Чави Пасквал демонстрираа сила Првата осетлива предност Барса ја стекна на истекот на 12. минута кога Ривера зголеми на 8-5. Веднаш потоа првпат во игра влезе капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров. На гол негатива Вардар се врати преку шпанскиот репрезентативец Македа кој во полн трк го постигна 19-от гол сезонава во елитата.
После првите 20 минути од првиот дел, резултатска рамнотежа на теренот, Барселона се обидуваше да се одлепи а Вардар борбено надоместуваше преку одважната игра на страшниот Вуко Борозан кој со бомби ја одржуваше неизвесноста.
Во финишот на првиот дел Вардар влезе со играч помалку, но Штербик со неверојатна интервенција спаси зицер и му овозможи на македонскиот првак на паузата да замине со заслужена предност 13-12.
The 13:12 half-time lead has the @HCVardar fans singing #ehffinal4 pic.twitter.com/zuoHdM0tm4
— EHF Live (@EHF_Live) June 3, 2017
Вардарци вториот дел го започнаа како што го завршија првиот, мотивирано, и со тандемот Штербик-Чупиќ љубоморно ја чуваа позитивата. Во моментите на пад на Барселона, единствена светла точка кај нив беше Перез Де Варгас кој во седмата минута од второто полувреме веќе имаше 11 одбрани.
После 40 минути игра, семафорот покажуваше 16-16, а дебитантот на Ф4 гладијаторски се бореше против најтрофејниот европски ракометен клуб. Одговорноста во тие моменти ја преземаше Чупиќ кој лани стана европски шампион со Кјелце и има искуство играње на Фајнал Фор со 4 настапи.
Карачиќ и Алекс Душебаев уште повеќе ги „разгореа“ навивачите на Вардар во салата со два ефектни гола кои му донесоа на македонскиот тим +2 (19-17). Дополнително атмосферата ја вжешти Арпад Штербик кој го одбрани пеналот на Ривера (3/3 до тој момент).
Потегот на мечот го имаше Душебаев во 18. минута кога со спектакуларен ролинг го матираше расположениот Варгас за 21-19. На другата страна, Пасквал можеше да здивне што се разбуди Лазаров кој со два последователни голови го спречуваше Вардар да се одлепи.
Со седмиот гол Душебаев го израмни резултатот 22-22 на пет минути пред крајот, а одлична контра во следниот напад упропасти Македа кој направи пробивање и го принуди Штербик да ја исправа неговата грешка.
Искусниот Чупиќ со гол од пенал ја отвори драматичната завршница во која Лазаров со петтиот гол „ја искина“ мрежата и на точно 100 секунди пред крајот израмни на 24-24. Лука Циндриќ со прекрасен влез ја најави сензацијата, а Вардар тогаш влезе со гол предност (25-24) во последните 40 секунди.
На 16 секунди до крајот Кире Лазаров со 6-ти гол го израмни резултатот и го натера Гонзалес да го викне последниот тајм-аут. А во последната секунда Лука Циндриќ скокна над целата одбрана на Барселона и го постигна најважниот гол во историјата на македонскиот клупски спорт во машка конкуренција!
Најефикасни играчи кај Вардар беа Цупиќ и Душебаев со 7 гола, Вуко Борзан даде 5, Циндриќ 4, Карачиќ 2 и Македа 1. Финалето на Лигата на шампионите Вардар - ПСЖ се игра во недела од 18 часот, а дуелот за третото место Веспрем - Барселона се игра од 15:15 часот.