Девојките го одиграа најдобриот меч на ова Европско првенство, особено првото полувреме во кое беа 30 минути во егал.
Македонските ракометарки ги снајде голем пех уште на самиот старт на мечот, откако Јована Саздовска го повреди зглобот и мораше да биде повлечена од игра.
Романките поведоа во 3 минута преку Кристина Неагу, а во следниот напад израмни замената на Саздовска, а тоа е 17 годишната Емилијана Ризоска, членка на кадетите за која ова беше деби репрезентативен меч.
По 8 минути игра Романија стигна до 1:3, но искусната Саздовска се врати брзо на паркетот, а Македонија стигна до израмнување 3:3.
Реализацијата на нашите ракометарки беше на многу поголемо ниво од првите два натпревари, но сепак повторно имаа голем број на промашени зицери.
Натпреварот влезе во голема неизвесност. Се играше гол за гол скоро до 20-та минута кога резултатот беше 8:8, а Маџовска и Ристовска ја почастија публиката со атрактивен цепелин.
Селекторот Љубомир Савевски беше приморан да го повика првиот тајм аут во 22-ра минута, бидејќи Романија стигна до предност од +3.
При крајот на првиот дел Романија имаше две исклучувања по што Гичевска и Дабевска со два врзани гола ја вратија Македонија во игра. Резултатот од првиот дел, 12:13 за Романија ветуваше дека Македонија може да се избори за пресврт.
Но Романките го отворија подобро второто полувреме и веќе во 35 минута водеа со 4 гола разлика. Македонија не успеа да фати приклучок и да се симне под -3 до крајот на мечот.
Романија го имаше под контрола резултатот и ја зголемуваше предноста за конечни 23:31.