Првата од двете досегашни битки се случи на Европското ракометно првенство во 2014-та каде имавме група скоро иста како сега со Австрија и Чешка и плус домаќинот, ама тој се викаше Данска и стигна до финале кое го загуби од Французите.
Кире и бандата почнаа килаво слично како на ова ЕП, па ајде нека биде тоа реприза од тогаш па да обезбедиме пласман понатаму. Во прво коло загубија со 8 разлика од Данска, а во второ капитенот даде 12 гола против Чешка, ама на крај беше 24:24.
Првата победа вредна понатамошен пласман избраниците на Ивица Обрван ја остварија во последното трето коло и тоа на класичен македонски начин, со кинење нерви. Лазаров даде гол во последна минута за водство од 22:21, а Борко Ристовски одбрани во последна стотинка и го зачува резултатот.
На крај беше прогласен и за играч на мечот со 19 интервенции.
Една година подоцна со Австријците се паднавме во група и на СП Катар и повторно игравме во последно коло. Но околностите беа далеку поинакви бидејќи на тоа Светско стартувавме со три победи и еден пораз, а победата против Австрија од 36:31 беше само потврда за второто освоено место. 9 гола на капитенот.