Македонската јавност жали за елиминацијата на нашите ракометари што не успеаа да се пласира во втората групна фаза на Светското првенство во Германија и Данска.
И со право, бидејќи така не навикнаа и тоа на четири Мундијали по ред. Затоа апетитите на секој навивач на македонската репрезентација се поголеми од оствареното на ова Светско.
На СП 2009 влеговме во втората групна фаза, а потоа три пати по ред се пласиравме во осминафинале (2013, 2015 и 2017). Тогаш се играше според друг натпреварувачки систем и од групна фаза се одеше во елиминациска фаза во топ 16.
Но на страна критиките за тоа кој, како и каде грешел, за што е нормално да се дискутира, треба и вреди да се издвојат некои работи за овој Мундијал.
Тој што не обрнал внимание, еве му шанса ако не слушнал да прочита. И покрај тоа што во фан зоната обично се даваат изјави со “жешка“ глава, па се прават киксови (Како оној на Борко кој им се истури на младите по поразот од Шпанија, а Раул ги пушти во 33-та минута на загубен меч од кој и самиот се откажа), капитенот, капитенски многу трезвено не врати во реалноста.
Прво:
„Одиме со крената глава, а јас морам да кажам дека многу искусни играчи ни недостасуваа од последното ЕП, пред се Филип Миркуловски, Никола Марковски, Мартин Велковски, Ацо Јоноски, Гоце Ојлески... Така да не треба ништо да жалиме, јас бев убеден дека ќе победиме, ама налетавме на квалитетен Исланд“.
Второ:
„Ние уште на ждрепката немавме среќа, а дури и да поминевме ќе налетавме на Франција, Германија, Бразил во другата група. Силно посакувавме да играме во следната фаза, ама и пред СП реков дека ќе биде светско чудо ако поминеме.
Двете поенти на Кире Лазаров ептен држат вода, бидејќи ние не сме ракометна велесила за така лесно да завршиме трети во група со една Шпанија и Хрватска, па и Исланд кој не е вчерашен во ракометот.
И другата. Колку само работа ќе завршеше искуството на петмината кои ги спомна. Велко Марковски со години и во Металург и за Македонија во одбрана беше тандем за почит со Ацо „Шибер“, кој од земја ги трескаше противниците. Тука мора и да се признае дека го згазија годините.
Што да се каже па за Жути? Лино еднаш кажа најубаво: „Миркуловски става глава, онаму каде што некој не би ставил нога“.
Бидејќи е лидер, капитениште и играчиште, кој и на 38 години на грб ја носи репрезентацијата, вреди да му ги дочитаме долгите аналитички изјави кои имаат тежина.
„Судиите во одредени моменти не оштетија, но не сакам да зборувам за тоа и не е наша работа. Нашата работа е теренот. Јас сакам да го пофалам и Раул кој е еден од најдобрите на светот и чест и задоволство е да се работи со таков стратег. Во спортот има победи и порази и сега стоечки треба да ги поднесеме овие порази“
„Многу млади деца влетаа во нашата селекција, без никакво искуство, а ова е СП, каде мечевите се добиваат на искуство. Не успеавме, зашто дојдовме со детска градинка, но јас за тие деца имам само позитивни оценки. Можам да кажам само најдобро за нив, зашто знам како е да си млад, кога собираш искуство. Треба да ги охрабриме, треба да им се даде ветар во грб. Јас гарантирам дека Македонија ако продолжи да работи вака не треба да се грижи за својата иднина. Тие видоа сега како е да се победи, како е кога се губи, како е кога мора да се победи. Најлоша комбинација е сега сите да кренеме раце и да се откажеме“
„Треба да ги засукаме ракавите и уште повеќе да се работи. Ова невлегување не смее да не демотивира и одеднаш се што правевме да го фрлиме низ вода. Блиску сме до пласман на ЕП. Точно е дека потајно посакувавме олимписки квалификации, да не се криеме, реалноста е дека тешко беше остварливо. Ќе имаме шанса уште една на ЕП. И затоа не треба да се откажеме. Грешките кои ги направивме да ги поправиме. Одиме со крената глава“.
Македонија денеска нема да ги пакува куферите за дома, туку ќе разигрува за место меѓу 13-та и 16-та позиција. Во сабота со почеток од 13 часот следува дуел против Русија, а подобриот од оваа средба ќе вкрсти со победникот од мечот Чиле - Катар.
Уште нешто за Кире.
Во моментов е прв по број на асистенции
Како и прв по вкупен број на голови и асистенции