Запознавање со ривалите

Што ја очекува Македонија во квалификациите за Рио?

Во петок, сабота и недела Македонија ќе игра против Полска, Тунис и Чиле. Пласман во Рио летово обезбедуваат првите две места. Полјаците како домаќини имаат предност, а Африканците ќе ни бидат директен ривал за место кое води на ОИ.

ПОЛСКА - (петок, 8. април 20:30)
Прво па машко. Домаќинот Полска ни е добро познат ривал. Со нив имаме одиграно неколку дуели во минатото, а посебно ги паметиме победите над нив на Светското првенство 2009. година во Хрватска, кога капитенот Лазаров постигна 13 голови за триумф 30:29 и славјето во Србија на Европското 2012 со 27:25.
 
Последен и сигурно најдраматичен дуел со Полјаците одигравме во јануари годинава кога на ЕП во Гдањск, Македонија имаше водство во текот на целиот меч, но на крајот не успеа пред 16.000 противнички навивачи и загубивме 24:23.
 
Полска има четири учества на Олимписки Игри, првото им датира од 1972. година. Најдобар резултат на едни Олимписки Игри оствариле во '76-та година кога биле трети. Полјаците се појавиле на 14 Светски првенства, првото во 1958. година и најдобар резултат им е второто место и среброто освоено пред 9 години во Германија кога загубија од домаќинот. Што се однесува до Европските, Полска има 8 учества, првото во 2002. година.
 
По фијаското од Хрватска и бледите настапи на целото Европско, Полска го смени селекторот Михал Биглер и на негово место го постави Талант Душебаев, татко на Вардарецот Алекс Душебаев и тренер на Кјелце. Што се однесува до составот, Душебаев за почетокот на подготовките донел дури 9 ракометари кои не беа дел од Европското а до конечниот список на Полска ќе се види кој од нив ќе остане. Едно е сигурно, тука се најголемите ѕвезди на репрезентацијата, капитенот и голман Славомир Шмал, Карол Биелицки, Михал Јурецки, Криштоф Лијевски, Адам Вишњевски. Обложувалниците веќе излегоа со коефиценти за овој натпревар и според нив Полска е голем фаворит со коефицент 1.30 за победа, 12.00 за нерешен исход и 4.75 за победа на Македонија.
 
ТУНИС (сабота, 9 април 18:30)
Според многумина директен ривал на Лазаров и другарите за второто место.
 
Македонија има три меѓусебни средби со Тунис, а последната беше лани кога на СП во Катар убедливо славевме со осум разлика. Претходно загубивме пријателска во 2013-та година и имаме пораз од Тунис на СП во 2009. година во Хрватска.
 
Најдобрата африканска селекција во последните неколку години, направи сериозен инцидент во финалето на Африканскиот Куп на Нации против Египет кога физички и вербално ги нападнале руските судии. Египет победи, а селекторот на Тунис Силвијан Нуе (поранешна десна рака на Клод Онеста во Франција) доби шест месечна суспензија за водење на репрезентацијата. Покрај него казна добија и двајцата први голмани Мохамед Сафар и Хамза Мажед кои се казнети на цела година од меѓународните натпреварувања.
 

Тоа сигурно ќе биде од корист за Македонија. Новиот селектор, Тунижанецот Хафед Зуаби решил да го врати ветеранот Исам Теж (36), а ударна ведета им е соиграчот на Лазаров од Барселона, Ваел Жалуз (24 години/199см) кого Вардар добро го запамети на дуелот во Каталонија сезонава во ЛШ.

Тунис има 3 учества на Олимписко игри, првото им е во 1972. година во Минхен. Тунижаните се доста искусни на големите натпреварувања, имаат 12 учества на Мундијали на кои најголем успех им е четвртото место во 2005. година на домашен терен.

ЧИЛЕ (недела, 10. април 18:00)

Најголема енигма за сите селекции. Земјата во која фудбалот е религија нема богата ракометна историја, иако Чилеанците имаат три настапи на Светски првенства, првото во 2011 година.

Чиле прв допатува во Гдањск со цел Јужноамериканските ракометари да се аклиматизираат подобро. Селектор им е Шпанецот Матео Гаалда, а поради повреда на квалификацискиот турнир нема да игра капитенот на Чиле Марко Онето, пикер на Висла Плоцк.

Новина е враќањето на четворица репрезентативци кои не беа викани кај претходниот селектор. Тоа се тројцата браќа Фухман (Ервин Фухман, Емил Фухман и Харалд Фухман) како и левиот бек Виктор Доносо. Со нив играме на крајот од квалификациите во недела, кога веќе ќе се знае разврската околу патниците во Бразил.