Вардаровата фурија се изнечека синоќа на аеродром, а се изнечекавме и ние. Требаше да слетаат во 16:15, па 18:50, 20:30, но на крај на писта се појавија скоро во 22 часот. За шампионот ќе се чека колку што треба.
Имаа величествен пречек на аеродром кој продолжи на автопат со колони на возила кои свиреа во секоја секунда и потоа заврши на плоштадот во центарот на Скопје.
Пристигнаа околу 23:15 и не го симнаа осмехот од лице на бина скоро до 1 по полноќ. Автобусот традиционално после секој важен триумф и овој пат помина покрај триумфална. Реки народ ги пречекаа шампионите, а на плоштад беше фул.
Притиснати по огради, испентарени на споменици, бандери, собрани по балкони, хотели, ресторани. Игла немаше кај да се фрли. А кога се појавија немаше човек кој не извади мобилен да ги снима и слика.
На бина скоро секој кажа по некоја шега. Орото го предводеше капитен Столе кој ги повикуваше еден по еден на микрофон, а потоа истото го правеа и Карачиќ, Дибиров, Чупиќ...
Џинот од Летонија зборуваше на македонски, Шишкарев се жалеше дека една година чекал да добие македонски пасош, Парондо скокаше и со препознатливото ШАМПИОНИЕ, ШАМПИОНИЕ ја понесе цела маса.
Фрчеа благодарности до навивачите од сите ракометари, се дереа на цел глас и помошниците и лекарите и физиотерапевтетите, а зарипна беше и директорот Давор кој вети дека ќе провери да види до кај се платите. Отсутни беа само Самсоненко и Мораеш.
Ваква атмосфера со пари не се плаќа и е привилегија да се доживее. Вардар е европски шампион по втор пат во три години. Сон е ова или реалност? Во топ 10 не ги ставаа сезонава.