Преку Австрија до Мундијалот

Македонската ракометна репрезентација, денеска од 16 часот и 30 минути во арената Борис Трајковски ќе го одигра првиот меч од двобојот со селекцијата на Австрија, а поуспешниот во двата натпревари обезбедува настап на Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во Шпанија.

Пред нашиот состав е нов предизвик и потребна е елиминација на Австрија со што ќе се продолжи низата на настапи во завршницата на големите натпреварувања. По Светскиот шампионат во Хрватска 2009-та, Европското првенство во Србија, каде годинава го освоивме петтото место, а не очекува Мундијалот во Шпанија.

"Играме пред нашата публика, но не се оптоваруваме со гол разликата бидејќи ниту предност од 10 погодоци не е гаранција дека ќе се пласираме на Светското првенство. Потребно е да играме добро и на двата меча и да победиме. Очекувам тежок натпревар, но верувам во оваа селекција, која може да стигне до конечната цел", изјави нашиот најдобар ракометар и еден од најдобрите на светот, Кире Лазаров.
Голманот, Борко Ристовски потенцира дека не смее да се потцени противникот иако репрезентацијата на Австрија во овој дуел влегува како аутсајдер. За квалитетот на денешниот противник потврдуваат и резултатите во квалификациите за Европското првенство кога Австрија освои бод во дуелот со Германија и тоа како гостин, а потоа славеа против Исланд.


"Австрија е незгоден противник, нема потценување и верување дека ќе славиме убедлива победа. Пред нас е нов предизвик и со трпелива игра на крајот по двата меча да славиме пласман на Светското првенство", истакна Ристовски.

Натпреварот во СЦ Борис Трајковски стартува од 16 часот и 30 минути, а цената на влезниците е 200 денари.

9 јуни 2012 - 11:08