Патешествието на Кубанците кои избегале од земјата и играат на Светско за Катар

Општо е познато за спортисти од С. Кореја и некои далечни африкански земји кои големите светски собири ги користат да му ја здувнат и веќе никогаш да не се вратат во родните краишта. Дома ги обвинуваат за дезертерство, а во странство се почитувани и славени. Таква е приказната со двајца Кубанци.

Светското првенство во Египет 2021 ќе го паметиме по катастрофалните настапи на македонската репрезентација, но и по некои интересни стории од таму.

На списокот учесници на Мундијалот 2021 во Египет ја нема селекцијата на Куба, која од 2009-та не се пласирала на големи натпреварувања.

Но во изминатите недели кубански ракометари играа многу важна улога во составите на други репрезентации. На пример голманот Алфред Кинтана и крилата Виктор Итуриз, Алексис Боржес и Дајмаро Салина беа важни карики на Португалија, а 33-годишните Франкис Карол Марсо и Рафаел Капоте со Катар ќе се борат за големото полуфинале.

Вториов со гол на 27 секунди пред крајот од мечот со Аргентина го однесе Катар во четвртфинале на 27. Светско првенство. Важи за нивен најдобар играч.

КАКО ИЗБЕГАЛ ОД СВОЈАТА ЗЕМЈА И РЕШИЛ ДА ИГРА ЗА КАТАР Е МОТИВ ЗА КНИГА

Капоте е роден во главниот град на Куба, Хавана. Таму како мал почнал да се бави со спорт. Кога првпат заиграл за младинската репрезентација, високиот левучар сфатил дека за да напредува ќе мора да игра во некој поголем клуб во странство. Ама за тоа нема дозвола од властите.

На Панамериканските игри кои во јули 2007-ма се одржуваа во Рио де Жанеиро, Рафаел се решил за храбар и опасен потег: одлучил да избега од хотелот кај што била репрезентацијата на Куба.

Таа вечер врнел силен дожд и чуварите не обрнале внимание на тоа кој влегува а кој излегува од хотелот.

Од Рио де Жанеиро стигнал до Сао Пауло каде живеел негов пријател, ракометарот Михел кој на ист начин останал во Бразил две години претходно. Во Куба по Капота објавиле потерница, па тој неколку недели се криел во едно село на 150 километри северно од Сао Пауло.

Во Куба на големо го обвинувале за дезертерство, но тој имал објаснување.

„Сè беше поради спорт. Ако сакаш да станеш добар ракометар, мора да заиграш во најдобрите европски лиги. На Куба не можев да добијам се што сакав“, раскажува Капоте. 

Во Бразил тогаш избегале уште тројца кубански спортисти: гимнастичарот Лазаро Ламелас и боксерите Гиљермо Ригондо и Ерисланди Лара.

Боксерите наскоро се вратиле дома (не се знае дали ги депортирале или по нивна слободна волја), а премиерот Фидел Кастро лично им ветил дека нема да бидат затворени но дека веќе нема да настапуваат за репрезентацијата на Куба.

Поради тоа, Ригондо избегал во САД, а Лара фатил џаде за Германија. 

А еден од ракометните јунаци во приказнава, Капоте во таа 2007-ма дочекал да завршат Панамериканските игри и побарал азил како политички бегалец. Истата година добил некој вид дозвола за престој и почнал да игра за тимот Сао Каетано чиј тренер бил Вашингтон Нуњес, денес селектор на ракометен Бразил кој играше на Светското токму против Катар во група.

„Он секогаш беше многу силно момче. Во младоста секако беше многу подобар, но сега гледам како е остварен играч. Многу ми беше мило што го видов после толку години. Рафаел Капоте е познат играч, лидер на Катар. На загревањето пред мечот со Катар, дојде се поздрави со мене, ме гушна и ме праша како му оди на Сао Каетано“.

После неколку години бегалецот Капоте од Бразил отишол во Италија каде потпишал за клубот Конверсано. Оваа земја можеби не е совршено место за ракометни таленти, но баш таму Капоте добил шанса да дебитира во ЕХФ Купот.

Во 2009-та година како освојувач на Купот на Италија, младиот Кубанец се преселил во шпанското првенство, едно од најсилните на светот. Левиот бек 2 сезони играл за Куенка (во тоа време Сиудад Енкантада), а после отишол во Логроњо каде исто бил главен играч 2 сезони и помогнал тимот да влезе во Купот на Шпанија и да заврши трет во лигата 2012/2013.

НОВА ЕТАПА И ВАЖНА ЖИВОТНА ОДЛУКА

На крајот од 2013-та почнала неговата одисеја на Блискиот Исток. Добил повик од клубот Ал-Џаиш од Доха и набрзо влегол во списокот на кандидати за репрезентацијата на Катар.

Оваа земја пред Светското 2015-та реши да вложи милиони во организацијата и во нивната селекција која требаше да се покаже на највисоко ниво, па решија да натуралзиираат еден куп странски ракометари (Црногорци, Хрвати, Срби, Шпанци, Кубанци). Меѓу нив се најде и високиот бегалец Капоте. Само четворица ракометари од 17 на списокот на некогашниот тренер на Барселона Валеро Ривера не беа странци.

Уште во првата година како репрезентативец на Катар, Капоте станал шампион на Азија. Денес поседува 4 златни медали од шампионатот на овој континент. Има и 2 злата од Азиските Игри.

Светското првенство 2015 за многу странски ракометари не била само шанса да учат од селекторот Ривера, туку и финансиски да се освежат.

Катар стана првата репрезентација надвор од Европа која освоила медал на едно Светско првенство.

Кубанските медиуми пренеле информација дека за настап за Катар на Мундијалот странските ракометари добивале по 40.000 долари од натпревар а секоја победа им носела по 90.000 долари.

Ова делувало како сон а некогаш 19-годишниот бегалец кој преплашен се криел по непознати бразилски села само за да се занимава со саканиот спорт.

Рафаел Капоте ја оправда довербата на Катар и на тоа Светско стана втор најдобар стрелец на репрезентацијата со дури 48 гола и беше избран во најдобриот состав на Мундијалот.

Катар стигна дури до финалето на Светското каде го освои среброто после поразот од силната Шпанија (на тој Мундијал имаше и „платени“ навивачи па така Шпанци кои работат и живеат во Катар во финалето мавтаа со знаменца на Катар).

Капоте го исполнил сонот. Заиграл против најсилните европски екипи, играше на Олимписки Игри со Катар и тоа во Рио де Жанеиро 2016 каде 9 години претходно избега од својата репрезентација.

Во пролетта 2017-та на еден пат во Доха доживеал тешка сообраќајка која му ја прекинала кариерата. Капоте скршил еден вратен пршлен и имал други сериозно повреди опасни по живот. Но искусни неврохирурзи во Катар спровеле итна операција, па Капоте преживеал.

После една година опоравок, тој се вратил на паркетот и заиграл за Ал Духаил.

„Мојот живот е спокоен, како и претходно во Европа. Тренинзи, дома, тренини, дома, прошетки... Ништо посебно но убаво ми е. Овде има многу можности за разни активности, ноќен живот, опуштање итн“. 

Единствена тема во неговиот живот за која не сакал да зборува е Куба. Уште од времето кога избегал во 2007-ма, до ден денес не се вратил во родниот остров и не знае дали некогаш ќе може да се врати.

На „предавниците“ според кубанските закони не им се простува.

Интересно, во време кога Капоте буквално и метафорички го градел својот пат кон сонот, неговиот денешен соиграч во репрезентацијата на Катар, Франкис Карол Марсо тренирал ракомет во академијата при кубанската федерација. 

На 21-година, Франкис Карол кој е роден во Гвантанамо каде се наоѓа фамозниот затвор, се нашол на списокот ракометари за Панамериканските игри каде со 24 гола бил еден од најдобрите стрелци во репрезентацијата на Куба која освоила бронза.

Во 2009-та година Франкис Карол играл на Светско за Куба која не заврши славно.

Во групната фаза Кубанците примија повеќе голови од Јужна Кореја а изгубија и од Кувајт. Завршија како 20-ти.

Интересно, Франкис Карол во 2010-та година пак играл на Панамерикански игри за Куба и на 5 меча дал 33 гола. За него се заинтересирал Спортинг Лисабон. За разлика од неговиот постар сонародник кој морал да бега, Карол Франкис на нешто помирен начин и по заобиколен пат потпишал договор со португалскиот гигант и некако ја напуштил Куба.

Тој имал среќа што тамошната миграциона мрежа му издала работна дозвола за странство.

За жал, многу талентирани кубански ракометари ден-денес сонуваат да заиграат надвор од својот роден остров, но поради сложената бирократија остануваат на Куба.

Франкис блеснал во Спортинг каде игра веќе 9 ипол години и каде освоил Куп на Португалија, 2 титули и по 1 Супер Куп и Куп на предизвикувачи. Од 2017-та Спортинг игра во Лига на шампиони а таму нивен главен играч е Франкис (сезонава на 6 меча постигнал 39 гола)

Кога дознал дека може да му се приклучи на Рафаел Капоте во Катар. Дресот на новата земја чие државјанство и пасош ги добил по брза постапка првпат го облекол на Купот на Азија во 2018 каде Катар стигна до златото.

Сега на Мундијалот во Египет, Кубанците Капоте и Франкис се ударни сили на Катар. Карол Франкис има 39 гола на 7 меча а во меѓувреме потпишал и 5-годишен договор со шампионот на Катар, Ал Араби кој му започнува на лето. Соиграчите и сонародниците во новата сезона првпат ќе станат ривали на клупско ниво.

А вечерва (среда) од 20:30 против Шведска ќе се обидат да направат чудо и да го однесат Катар во полуфинале на Светско првенство 2021 во Египет.