
Месец мај, од пред некоја година клучен, во однос на тоа дека се решава нашиот, но и пласманот на многу други селекции на големите натпреварувања. Месец, во кој е роден селекторот, месец во кој минатата година, наоѓајќи се во супер непријатна позиција, Македонија херојски избори пласман на СП во Хрватска. Паметите, после, онаа бледа игра и убедлив пораз во Торшаван, селекцијата се издигна над „темните облаци“ кои надвиснале и успешно го возврати ударот. Јуначки!
Таличен е месец мај за нашиот, македонски, ракомет.
А сега назад на штотуку завршените квалификации. Турбулентни. Специфични. (Не)извесни. Победнички.
Пишував после првите два настапи тука, а и како гостин на националниот сервис, дека, цитирам: „Македонија, оваа Македонија, без Лазаров (на терен во опрема) и компанија, не е фаворит против никого и никаде, доколку не е тимски силна, а може да „добие“ секого од втор, трет ешалон во светот доколку има дисциплина, доколку е комплетна и има прецизна навигација.“
Се случи Словенија, се случи Кочани, се случи Марко Митев да треба да оди под нож, па и Игор Ѓоргиев, а националниот тим беше пред финалето на квалификациите и двата клучни натпревари во Естонија и дома против Литванија.
Епилогот го знаеме. Прво во Естонија, благодарение, пред се на пристапот (за квалитетот на составот не дискутираме) на нашиот тим, го декласиравме противникот, а вчера, на финалето (за нас и за нив), повторно, покажавме карактер, одлучност, сплотеност, тимски дух, храброст и убедливо заверивме виза за ЕП.
Кога човек ќе направи ретроспектива која би се однесувала на еден краткорочен период, македонската ракометна селекција покажа две различни лица: имено, амбивалентноста на ракометната селекција се протегаше од една страна, со демонстрирана „релативна комотност и последователно на тоа, се изоставија некои клучни играчи“.
До сосема друга страна, кога селекцијата заради фактот што беше „доведена до ќош“, покажа карактер на бескомпромисност. Ова е наратив како за лекција од книга, за она „што треба и за она што не треба да се прави“, што е настава за во иднина, за сите нас.
Токму во овој контекст, малку сум изненаден од изјавата на селекторот, после натпреварот во „Јане“. Тој наместо да ги урива стереотипите, да го урива деминутивот „Македонче“ заради ваквата стравотна борба, непоколебливост и ефикасен финиш на селекцијата, тој дури и ја подгрева малодушноста изјавувајќи дека „момците, подоцна, покажале карактер што за него е малку чудно за наш менталитет“. (!?)
Почитувана моја нацијо, јас гордо ќе кажам дека, овој национален тим, како атипичен пример во сивилото во кое битисува нашата држава во многу сегменти, благодарение во голема мера на најдобриот македонски спортист на сите времиња и вложувањата што ракометот константно ги има преку клубовите во Битола, Скопје, Кавадарци, Охрид…не смееме да го ставаме во иста реченица со флоскулите наведени погоре.
За овој наш спорт и оваа национална гордост да биде локомотива за останатите спортови, да биде мотив и поттик дека оваа држава може и мора да ја биде. И дека ако имаме вистински лидери (на сите позиции, од РФМ, до селектори, до капитени) во многу други сегменти, можеме и мораме, оваа Македонија да ја направиме попристојно место за живеење.
Целата колумна на Горан Ѓоргоноски ја имате тука.