Една од главните алки во играта на тимот од Автокоманда почна со лесни индивидуални тренинзи, но се уште го минува долгиот процес на рехабилитација, по тешката повреда на дербито против Вардар. Мојсоски нема да биде дел од составот на Металург ниту на двомечот со Кил, но се надева дека со голема борба неговите соиграчи ќе создадат голема неизвесност против германскиот гигант Кил кој го смета за фаворит во четврт-финалето.
Што мислиш за ждрепката на Металург и која е твојата прогноза?
-Секако дека можевме да добиеме и полесен противник, но во најдобрите 8 нема послаби, се знае на кого му е местото таму. По двата меча против Колдинг кои нашите момци ги одиграа феноменално, мислам тоа што првин играме дома не значи дека е предност за нас, затоа што покажавме дека знаеме да играме одлично и на гости. Секако дека фаворит е Кил, екипа која има освоено европски тутули и која е број 1 во Германија. Во Скопје паднаа Барселона и ПСЖ, така што се надевам дека ќе изиграме добро и овој пат, за да направиме шансите да ни бидат 50-50. Првиот натпревар нема да реши ништо, туку вторите 60 минути. Секако дека шансите не се загубени, тие со две раце и ние со две раце.
Кој тим го посакуваше?
-Можеби Веспрем ќе беше подобра варијанта, но и во овој случај нема да се предадеме. Ги посакував унгарскиот тим, но и Вардар, со тоа што со Вардар добро се познаваме и знаеме колку им се можностите. Ако падневме со Вардар, една македонска екипа ќе одеше понатаму, а тоа ќе беше голема придобивка за македонскиот ракомет и спорт воопшто. Кил после Барселона е главен фаворит за титулата.
Коментар за противникот на Вардар?
-Тие добија полесен противник од нас. Последниот месец Флензбург загуби од Кил со 7 голови разлика. Вардар првиот натпревар го игра на гости, а потоа дома влегуваат како фаворити. Ќе се надеваат на бркање добар резултат на првиот дуел или не дај боже некоја негатива од три, четири гола разлика преку кои потоа ќе бркаат фанјлфор. Мислам дека моментално Вардар е во предност.
Која е разликата помеѓу Кил и Флензбург?
-Кил е екипа која веќе шест – седум години е носител. Главното оружје им се бековските позиции, го имаат третиот најдобар стрелец во ЛШ и најдобар стрелец во Бундес лигата, како и одличниот десен бек Вуин кој исто така е помеѓу четворицата најдобри стрелци во ЛШ. Кил има посилни бекови од Флензбург каде на левата бековска позиција игра младиот Ненадиќ, во среден ред имаат добар организатор во играта, а како десен бек го имаат Германецот Ландорф, но овие играчи не се на исто ниво на Филип Јиха и Кире Лазаров. Флензбург е послаб противник, но силната страна им е одбраната и голманот кој во последните 2-3 месеци има во просек по 12-13 одбрани. Мислам дека Вардар ќе има проблем со нивната одбрана и голманот, но не толку и со нивниот напад. Како и да е Германците прават брзи убиствени контри, анализира Мојсоски за офф.нет.