Микел Хансен става крај на кариерата

Најдобриот дански и еден од најдобрите светски ракометари, Микел Хансен (36) соопшти дека летово по крајот на актуелнава сезона ја завршува својата кариера.

Хансен ова го соопштил на прес-конференција организирана од неговиот сегашен клуб Алборг. Тој изјавил дека уште пред некое време одлучил да се повлече и дека нема планови за во иднина што би правел по крајот на кариерата.

Желба му е да настапи на Олимписките Игри во Париз летово. Со Алборг ќе игра во четвртфинале на Лига на шампиони.

Тој ја почна кариерата во родното градче Хелсингор како јуниор, па во 2005-та му се приклучил на ГОГ исто во Данска. После играше две сезони во Барселона па уште две во Копенхаген, пред да се пресели во ПСЖ во 2012-та. Во Париз остана цели 10 години и стана најголема светска ракометна ѕвезда на своето време.

Голем дел од минатата сезона пропушти поради психолошки здравствени проблеми. Хансен никогаш не освоил Лига на шампиони иако 4 пати бил на Фајнал Фор а во 2017-та изгуби од Вардар во финалето.

За репрезентацијата на Данска, Микел Хансен има 266 настапи и 1.350 гола. Освои три светски злата (2019, 2021, 2023), две светски сребра (2011, 2013), едно европско злато (2012), две европски сребра (2014, 2024), една европска бронза (2022), олимписко злато (2016), олимписко сребро (2020).

3 април 2024 - 13:35