Македонија го реши Луксембург и е речиси пласирана на ЕП 2024

Македонската ракометна репрезентација ја оправда фаворитската улога против Луксембург на гости и само пораз дома со двоцифрена предност од Турција може да им го расипе патот до следниот континентален шампипонат.

Избраниците на Кире Лазаров, рутински по втор пат во квалификацискиот циклус слават против аутсајдерот во групата 1 кој ги загуби сите досегашни пет натпревари.

Домаќините пружија отпор на стартот на натпреварот, па дури имаа неколку пати и водство од 2 гола разлика, но Македонија очекувано се избори за пресврт и на полувреме водеше 12:14.

Во 40-та минута има минимална предност од 16:17, но потоа играа поубедливо и во 50-та минута имаа +7 за на крај да го заверат триумфот со резултат 23:28.

Повратниот Филип Талески беше најпрецизен со 8 гола, Филип Кузмановски и Мартин Серафимов постигнаа по 4, а Жарко Пешевски 3. На голот Марко Кизиќ имаше 10 интервенции, а Никола Митревски една.

Португалците очекувано ја совладаа денеска Турција и со 10 бода се бетонираа на лидерската позиција. Македонија е втора со 6, Турција има 4 и Луксембург 0.

Со оглед на тоа што во октомври минатата година во Турција славевме 27:36, потребно е чудо во последното коло за да го уништиме пласманот на следното Европско првенство кое се игра следниот јануари во Германија.

На Турците во недела во Борис Трајковски им е потребна победа од 10 гола разлика. Мечот се игра во 18 часот.

26 април 2023 - 21:53