Луис Гонзалез изјави дека во РК Вардар се малку возбудени и нервозни пред првиот меч во „Јане Сандански“. Вие имате ли трема?
Андреа Лекиќ: Навистина е привилегија да се има вака модерна сала, во која ќе ги имаме најдобрите услови. Секако дека и нив и нам ни е важно да почнеме со победа. Што се однесува до нас, ние уживаме и ќе играме без поголем притисок. Нè интересира како ќе изгледа акустиката во однос на „Борис Трајковски“ и каков ќе биде навивачкиот хук. Едно нешто не е спорно, а тоа е поддршката, која верувам дека ќе биде феноменална.
Јованка Радичевиќ: Салата „Јане Сандански“ ќе биде наш дом и подруго е во однос на салата во која игравме лани, затоа што знаеме дека сме свои на свое. Би сакала тоа да биде наша неосвоива тврдина.
Во досегашниот тек на кариерата сте имале и машки и женски тренер. Има ли некоја разлика во пристапот?
АЛ: Нема некое правило и сè е до карактерот на тренерот. Има машки тренери кои се прилично благи и мирни, а има женски тренери кои знаат да бидат остри и темпераментни. Главната разлика е во тоа што женското многу подобро ги разбира жените, а машкото мажите. Мислам дека жените повеќе можат да допринесат за атмосферата во колективот, затоа што мажите се поголеми трачари од жените.
ЈР: Најважна е хемијата во екипата, а помалку е важно дали тренерот е маж или жена. Трпението е прв предуслов за добар почеток.
Која ракометарка ви била најтешка за чување?
ЈР: Најмногу проблеми ми создавала Сираба Дембеле и на клупски и на репрезентативен план. Физички е многу силна и за среќа, сега ми е клупска колешка, така што немам веќе проблеми, освен на тренинзите.
АЛ: Има неколку ракометарки, но кога веќе треба да одвојам, Бојана Поповиќ е најразновиден противник кого сум чувала. Комплетна е и многу интелигентна, поради што не знаете каков потег ќе изведе. Русинката Људмила Бодњева, со која играв во Крим ми беше прилично тешка за чување на тренинзите. Таа е навистина импозантен играч.
Сте играле во Ѓер, во Крим, сте имале многу европски натпревари. Колку е близу Вардар до нив во однос на организацискиот план?
АЛ: Јока и јас дојдовме во Скопје пред сe поради новиот предизвик. Кога човек сфаќа дека во некоја област го стигнал врвот, има потреба од нешто ново. Мислам дека Вардар е подобар од година во година. Првата сезона секогаш е најтешка, па така лани постигнавме голем успех со пласманот на Ф4. Како нас, така и на луѓето од клубот, управата и стручниот штаб им е потребно време и трпение. Веќе функционираме како едно семејство, а годинава сето тоа изгледа многу подобро. Одиме чекор по чекор и не може да се очекува сe преку ноќ. Унгарскиот Ѓер веќе една деценија е редовен учесник на финалните турнири, така што тие се добар доказ дека за сè е потребно време. Вардар ги има сите предиспозиции за успех. Маркетингот на клубот работи одлично, напредува и јас сум задоволна од организацијата.
ЈР: Се сложувам со Леки, патот до успехот треба да се бара во времето и трпението. Како нас на теренот долу, така и на управата им треба одреден период за уште поголем напредок на секој план.
Андреа, како успеаа навивачите на словенечкиот Крим, да те задржат во клубот кој имаше финансиска криза?
АЛ: Целата сторија се случи пред крајот на мојата втора година во Крим. Клубот имаше финансиски проблеми и не можеа да нè исплаќаат. Во еден момент дојде водачот на навивачите, кој не е водач какви што ги знаеме ние. Во Словенија тоа е многу покултурна приказна, нема врска со хулиганизам. Беше повозрасен, семеен човек и ми соопшти дека фан-клубот почнал да собира средства за да ме задржи. Не можев да ги сопрам емоциите и се расплакав од тоа колку нив им значи клубот. Јас прифатив смалување на платата и останав во Крим.
Има ли некоја симболика во броевите кои ги носите на дресот?
ЈР: Мајка ми долги години беше ракометарка во Црна Гора и во нејзина чест ја носам петката. Додека играв во Будуќност тој број беше во сопственост на Аница Ѓуровиќ, една од најдобрите ракометарки во клубот и мој идол, па носев друг број. Со текот на времето ми се допадна и 44-та, па сум ја носела и таа бројка.
АЛ: Нема некое посебно значење. Уште од порано се приврзав за бројот 7, кој го носам и во репрезентацијата. Кога дојдов во Вардар, седумката беше зафатена, па ја одбрав 77-та. Чудно е што тој број го има сè почесто.
Сте се сретнале ли со Комитите, сте разговарале ли околу организираното навивање на вашите натпревари? Постои впечаток дека некако фалат во целата приказна за ЖРК Вардар.
ЈР: Не сме имале средба со нив, иако редовно добиваме поддршка преку социјалните мрежи. Навистина не знам зошто ги бодрат само мажите, а не и нас, чудно ми е затоа што ако се сака клубот, се сака без разлика дали игра машката или женската екипа. Во секој случај ние имаме редовна публика која многу ни значи и која целата година лани беше со нас. Без нив тешко ќе стигневме до Фајнал форот. Се надевам дека и сезонава ќе имаме полна сала.
Токму тие беа најголемата поддршка кога Кометал Ѓорче Петров го имаше историскиот успех во македонскиот ракомет.
АЛ: Да, веројатно треба да направиме некој поголем успех кој ќе го препознаат и ќе доаѓаат поредовно. Нашиот однос кон дресот на Вардар е чист и коректен и така ќе биде секогаш.
Имате уште 2 години од договорот со Вардар. Се гледате ли уште долго во Скопје?
ЈР: Можеби се повторувам, но овде се чувствуваме навистина како дома. Градот и луѓето се пријатни за живот, ги имаме сите услови за убаво секојдневие. Што се однесува до мене, јас би останала овде до крајот на кариерата.
АЛ: Добро, ти си македонска снаа, па и не изненадува твоето размислување.
ЈР: Поради тоа секако, но и општата атмосфера во и надвор од клубот е феноменална. Се дружиме со сите ракометарки, па и со оние од другите клубови. Луѓето често нè препознаваат на улица и отворено ни приоѓаат и тоа многу ме воодушевува. На другите места е права реткост некој да ви побара автограм или да се слика со вас. Андреа не е македонска снаа, вешто се крие на тој план и ништо не открива.
АЛ: Две години сум овде и уште сум под импресии што ракометот е национален спорт број еден. Македонија го сака ракометот и тоа се гледа на секој чекор. Луѓето едноставно живеат за ракометните натпревари, особено за дерби дуелите меѓу Вардар и Металург. Лаже секој што ќе каже дека фудбалот е број еден во Македонија. Што се однесува до Комитите, на нашите натпревари ни треба секој вид поддршка. До нив е дали ќе доаѓаат или не, ние сме овде.
Дали сте задоволни од платата и колку заработувате месечно?
АЛ: Вардар е моќен клуб и сосема сме задоволни на секој план, па и на финансискиот. Немаме дозвола да зборуваме за примањата.
Ги следите ли младинските категории во Македонија и дали има иднина за овој спорт кај нас?
АЛ: Од време на време ги следиме и им укажуваме како полесно да напредуваат. Многу е подруго кога можеш да го гледаш Дибиров, Растворцев, Пенезиќ, Станиќ и многу други. Вардар како клуб тежи кон тоа младите категории да имаат добар третман и еден ден да го понесат товарот во првиот тим. Од особено значење е што тие млади момчиња и девојчиња еден ден ќе бидат основа за македонската репрезентација. Верувајте дека не е лесно да имате многу таленти во клубот, но од некаде мора да се почне и да поминат неколку години за да излезе некој нов Лазаров, Наумче и други.
Колку имате слободно време да скокнете до кино, да гледате некоја претстава и слично?
АЛ: Јованка обожава филмови и заспива после 10 минути. Нема гајле дали е хорор, акција, комедија, она веќе задремала додека трае најавата на глумците.
ЈР: Искрено, не е дека не одам на кино или дома да гледам некој филм, но често уморот ме стигнува и главата сама ми паѓа на перница. Кога се припремите, гледаме што повеќе да се одмориме затоа што имаме по 2 тренинга на ден и имаме време само да јадеме и да легнеме. Во текот на сезоната имаме нешто повеќе време и за шопинг и за повеќе одмор.
Секогаш ли сте вие две цимерки?
АЛ: Да. Јованка знае да ме клоцне по некој пат во спиење, а често со некој си зборува во сон, па мене ме остава без спиење, но немам проблем со тоа.
Излегувате ли во ноќни клубови често и што вели Индира за тоа?
АЛ: Знаете, кога нешто ти е забрането ти е слатко, па така и со нашиот провод. Ние сме во сериозни играчки години и веќе не размислуваме како порано да му ја „летнеме“ преку тераса и да уживаме во град. Глупо е да кажам дека не излегуваме никогаш. Како секој на светот, така и нас ни треба издувен вентил, но се држиме до клупскиот режим.
ЈР: Има правилник според кој се водиме, но и да не постои, сигурно дека не би дремеле до ниедно време затоа што знаеме кои ни се приоритетите.
Каде одморате после напорните натпревари?
АЛ: Скопје нуди доста пријатни места и не сме стационирани на една локација, туку сакаме да пробаме разни специјалитети. Јас најмногу се релаксирам по ресторани. Често сме во „Барбакан“ кој има одлична кујна. Не е фраза, но македонската кујна ја сакам највеќе, а виното е врвно. Јас сум голем љубител на чаша вино. На Виноскоп бевме организирано и таму пробавме неколку вина, а оние на „Тиквеш“ и „Бовин“ се навистина прекрасни. Имате толку добри вина што човек не знае кое попрво да го проба.
ЈР: Алкохол не пијам, иако знам да дегустирам некое вино за ручек. Една чаша ми е доволно. Ретко да најдам некој алкохолен пијалак кој ќе ми се допадне.
АЛ: Ти си партибрејкер пиела или не пиела.
ЈР: Се држам до теоријата дека за добар провод не е потребен алкохол, иако некој овде не го поддржува моето мислење.
Стигнавте ли да ги разгледате сите скопски населби и која ви се допаѓа најмногу?
АЛ: Јас сум во Тафталиџе и таму ми е најмирно. Нема голема фреквенција, нема многу сообраќај и навистина ми е пријатно.
ЈР: Сместена сум на Водно и како и Андреа, мирниот амбиент беше пресуден кога бирав место каде ќе престојувам. Во зградата живеат многу спортисти, така што имам и со кој да дебатирам.
Посилни ли сте од лани и дали полесно ќе стигнете до Ф4?
ЈР: Да бидам искрена, сите се подготвуваат три пати повеќе кога играат против нас, така што годинава конкуренцијата ќе биде посилна. Нема правила и секој секого може да победи, како и во другите спортови. На пример Реал Мадрид во фудбал веќе години наназад ги купува најдобрите играчи, па дури оваа година ја освои Лигата на шампиони.
АЛ: Вчера слушнав изјава на тренерот на Ѓер, кој отворено изјави дека Вардар е главен фаворит за титулата во ЛШ. Дали на тој начин сака да ја префрли топката во нашиот двор, не знаеме, но сигурно е дека освен нас, Ѓер и Митјиланд, годинава има и други силни тимови. Видовте лани кога Фленсбург кај мажите ја освои титулата, а неа беа ниту меѓу првите 5 фаворити. Ние можеме да ветиме максимално залагање и борба до последен здив, па што ќе биде, ќе покаже времето.