Во трите години во Сиудад Реал, од кои две го носел името Атлетико Мадрид, Кире Лазаров под палката на Талант Душебаев освоил 9 трофеи.
Шпанија го смирила, да не се нервира и кога треба и кога не треба, а и го научила како да не брза, а сепак да стигнува секаде. Не сакал да ја напушти средината, но клубот паѓал и играчки и финансиски, а тој бил еден од најскапите во тимот.
Во септември 2012 во 6 часот наутро му се јавил брат му Филип со лоша вест и тоа на ден кога требал да игра финале на Супер глоб. Лазаров не отпатувал за Македонија и излегол јуначки на паркетот во Доха, освојувајќи ја светската титула.
ТРЕНЕР - ДРУГАР?
Соработката со Талант беше сериозна школа за мене како иден тренер. Границата беше јасно поставена кога ќе се облече дресот и се влезе во сала. Границата беше мува, која единствено можеше да се чуе за време на тренинг. Неверојатна дисциплина. Кога ќе се слушнеше свирчето, нема удирање топка, нема ништо, буквално не смееш да дишеш, мува мора да се чуе.
Талант сакаше хигиена. Ако си одлучил да се шеташ со влечки по хотелот, не смееш да си бос, па дури ни на 50 степени. Ако одиш од хотел во сала, без оглед дали е 100 метри оддалечен, не можеш во исти патики. Мора да имаш уште едни во ранец и во раце. Во салата се мораше да сјае. Имаше список на работи кои мораа да се направат и тој ги предаваше на персоналот. Професионализам. Од тоа почнува сè. Не се тренира премногу, ама кога тоа се работи се бара максимална концентрација. Фокус.
НЕ ТРПИ ПРЕДАВСТВО
Мојот тренер во Нант, Алберто Ентрериос, а тогаш соиграч во Сиудад Реал, доби температура пред финалето на ЛШ во 2012-та против Кил. Навистина беше лошо. Но тоа Талант не го интересираше.
„Ви реков пред сезоната дека ќе ве пуштам кога и да ви биде потребно и од било која причина. Она што исто ви го реков е дека кога ќе дојдеме до финале, тогаш мора да се игра ако треба и со една нога“, рече Талант.
Алберто не го одигра тоа финале. Остана во хотелот. Николај Маркусен беше единствената опција како бек. Го претепа Кубеш, а тогаш и Омејер „не уби“ 26:21. Кил ја освои титулата. Зема стан и во Мадрид, подготвен за селидба од Сиудад Реал, ама Талант беше бесен. Ден после тоа финале, во Ланксес Арената го избрка Ентрериос после 10 години во клубот. Го остави без клуб среде лето и повтори:
„Финале мора да се игра. До полуфинале ќе толерирам сè и повреди и мрзоволност. Кога се игра финале, ништо не ме интересира“.
После таа немила сцена Алберто пристигна во Нант каде заокружи деценија. Дуелот помеѓу Нант и Кјелце во осминафиналето во 2020/2021 беше и прилика по прв пат да ги вкрстат копјата како тренери. Талант на крајот мораше да признае пораз. Се поздравија. Таков е спортот. Такви работи се случуваат.
НЕЗГОДЕН Е КОГА ЌЕ ПОЛУДИ
Знаеше Талант во напади на бес да ја искрши соблекувалната. Шишиња летаа, а физиотерапевтските маси беа во парампарче. Прво такво искуство имав во Супер Купот против Барса. На полувремето заостанувавме два гола. Порано веќе се беше закачил со Динар кому познатиот Зинедин Зидан му дошол во посета три дена претходно. Талант тоа не можеше да го разбере.
„Што ќе ти е Зидан на гости, кога во недела играш за трофеј“?, беснееше и му редеше сè по список што му замерува. Ни Динар не се даде. Се бранеше.
Играчите беа навикнати дека Талант е многу незгоден кога ќе полуди. Тоа обично се случувало кога би осетил дека некој нема фокус и дека не се труди. Некарактерни играчи, оние кои се плашат, не можеа да поминат кај него. Многу брзо би ја сфатил ситуацијата. Ги тргнуваше таквите од терен или напросто ги бркаше од клубот. Добро знаеше кого да фати на око.
Не се плашеше од никој. Не бираше послаби. Играчите би негодувале, сите си имаа свое его, ама неговата беше прва и последна. Многу разговараше со нас и индивидуално, не само на тренинг. Не беше ловец на прва грешка, даваше шанса. Ако не ја искористиш, тогаш те нема веќе. Постојат такви моменти во кариерата и ќе ги има и понатаму. Многумина поминале низ такви искуства. На крајот го освоивме тој Супер Куп. Прв од трите пехари во сезоната 2010/2011.
ТАЛАНТОВОТО
Толку добри тренери сум поминал во кариерата и нема да правам ранг листа. Благодарен сум му што внесе толку живот, самодоверба и храброст во мојата игра. Тоа е се случај само со мене. Осуден си на успех ако му допуштиш да те води. Тој така психолошки се поставува према играчот, да не му остава друга солуција освен да биде добар. Ако процени дека немаш храброст, тогаш не си за него. Ако одиш по неговото, тогаш добиваш сè.
Имаш право на лош ден, ако го почитуваш она што ќе го добиеш како инструкција. Имаш слобода во рамките на она што тој ќе ти го каже. Инсистира на некои работи па дури иако не ги направиш како треба. Со таква поставка на работите, нема шанса да не бидеш добар. Тоа ме држеше во живот. Ретки се тренерите како Чави Пасквал и Талант Душебаев. За седум години во Шпанија немав ниту еден единствен проблем, а имаше и добри и лоши партии. Тренирав и ги почитував тренерите. Тие сакаат такви играчи.
Кај Талант не постои термин „невозможно“. Тоа едноставно ти го всадува во глава. Осуден си да победуваш. Тој оди на победа, уверен е во тоа, тој не глуми и екипата тоа го чувствува. Направи многу чуда. сетете се на Кјелце и финалето со Веспрем во Келн во 2016-та кога освоија титула после минус 9. Тоа е Талант. Тоа не може секој. Тоа е таа луда самодоверба која ја има. Победнички менталитет. Посебен е. Со него, во својот ракомет додадов нови тактички елементи. Од време на Сиудад Реал играм многу полесно, помалку се трошам, а поефикасен сум. Тие години во Загреб ми велеа дека мојот стил е застарен. Тој од таквиот стил го извлече максимумот.
НОВ РИТАМ
Шпанија ме измени. Се смирив. До тогаш мојот темперамент стално правеше нервоза за која немаше причина. Брзав, а ни самиот не знаев каде. Сите тие луѓе, соиграчи, клубот, градот, воспоставија еден мир во мене.
За таква промена спрема семејнниот заклучок е потребно година и пол. Станав вистински Шпанец кој станува подоцна, никаде не се брза, а сепак стигнува сè што е потребно да се направи. Тоа е ритам на животот кој е возможен само во Шпанија. Сè стигнуваат, а никаде не брзаат, работите ги прават поквалитетно, отколку да ги прават во нервоза. Неверојатно.
Со 30 години престанав да брзам. Сонце, храна, менталитет. Кога ќе им ја видиш кујната, цел ден би јадел. Единствено што не ми одеше од рака беа вечерите пред полноќ. Тие се такви, одат во ресторани пред 23 часот, а започнуваат со вечерата во полноќ и така остануваат до 2 наутро. Новиот ден почнува подоцна, од 10-11. Нивната страст за фудбалот е неверојатна. Петтата шпанска лига се гледа по баровите и бучно се коментира. Таа пасија не може да се објасни.
Јазикот го научив од разговорот со соиграчите. Омбрадос ми беше прв комшија. Многу ми помогна. Штербик ми беше еден од менторите. За сè што не ми беше јасно, тој имаше одговор. После неколку месеци веќе зборував повеќе. Читав весници и ги впивав зборовите. Клубот немаше пракса да ангажира учители за јазик, како на пример во Франција каде имав учителка. Овде сè одеше спонтано. Јазикот навистина не ми претставуваше проблем, како мене, така и на останатите.
ФАБРИКА НА ТРЕНЕРИ
Јас сум еден од оние кои ја поминаа школата на Талант. Во тој момент со мене во клубот беа Дејвис, Ентрериос, Парондо, Фернандез, Чема Родригез, Динар, Метличиќ и Пајовиќ. Има уште активни играчи од времето на Сиудад Реал кои во иднина ќе станат тренери. Талант многу им даде. Тој е уникат. Многумина се копија. Тој го создаде и Раул.
Кај сите гледам нешто Талантово. Дејвис се обидува да го имитира на тајм аут. Не очекував дека Парондо ќе стане таков тренер. Како играч не беше баш најхрабар. Често му го остававме аголот до пеналот во кој не ни влегуваше. Ме изненади. Луѓето од Вардар кои работеа со Раул, велат дека Роберто е во предност. Завршил факултет, интелектуалец е и резонира добро.
Се очекуваше дека Чема ќе стане тренер. Има приказна и пријатен тип е кој го познава ракометот. Многу е битно напаѓачот да знае како да ја нападне одбраната која ја има пред себе. Неговите резултати се видоа со Унгарците. Не е суперегоист, можеш сè да му кажеш, а такви се и Дејвис и Парондо. Раул е малку затворена личност.
ДОН КИХОТ
Играњетото во Дон Кихот арената беше големо искуство. Бев фасциниран оо навивачите на Сиудад Реал. Повеќе од 4.000 Шпанци со бели марами. Публиката го знаеше ракометот. Знаеа и кого и каде треба да притиснат. Дали во прашање беа судиите или противничкиот играч, чекаа реакција па се закачуваа на нечиј грб. Правеа забава од притисокот на противниците. Како во корида. Сите пиеа пиво, полупијани, се смееа и уживаа. Тие беа само дел од културата пренесена од баровите каде боцкаш со чачкалица, се смееш гласно и пиеш преку ден.
Бев воодушенев од начинот на живот и опуштеноста која се прелеваше од баровите во салата, од салата во соблекувалната, од соблекувалната на нашите животи. После секој натпревар беше нормално да се испие пиво во соблекувалната. Штета за врвниот ракомет што шпанската лига повеќе не е така квалитетна. Многу играчи би посакале тој живот повторно да го проживеат.
ДВЕ ИЗГУБЕНИ ФИНАЛИЊА ВО КЕЛН
Таа 2011 година во Келн бевме блиску до титулата, ама Штербик ни се повреди после 5-6 минути во полуфиналето со Хамбург. Дувњак беше во контра, дојде до контакт и Арпад мораше на клупа. Хота беше добар до крајот на натпреварот, ама без Штербик не се можеше ни ден подоцна против Барселона 24:27. Јунак на тој Келн беше Данијел Шариќ на гол линијата на Барса.
Година подоцна се вративме во Ланксес Арената. Го совладавме моќниот АГ Копенхаген со Хвит, Хансен и Болдсен. Маркусен остана сам на лев бек бидејќи Ентрериос лежеше поради температура во хотелот. Омејер беше екстра добар во сударот со Штербик кој повторно се мачеше со повредата. Немавме помош од голманот. Штета. Приликата беше идеална.
КРИЗА
Пред таа сезона не ни сонував дека ќе дојдеме до финале. Тргна надолната линија на Сиудад Реал и играчки и финансиски. Сезоната 2011/2012 игравме под името на Атлетико од Мадрид. Натпреварите ги игравме во Мадрид, а трениравме и живеевме во Сиудад Реал. Таа година ја памтам како најнапорна во мојата кариера. Два часа ни требаше со воз за натпревар на домашен терен. Од аеродромот од Мадрид. После гостување се враќавме со автобус. Беше мошне напорно да се живее во еден град, да се игра во друг град, а секоја недела да се оди во некој трет. До летото 2012 останавме во Сиудад. Не беше време за селидба, промена на училишта, станови и останати работи.
СВЕТСКАТА ТИТУЛА ЗА ТАТО
Супер глоб се играше во септември 2012 година во Доха. Веќе тогаш не бевме во кругот на фаворити. Кил беше далеку помоќен. До титулата стигнавме без Штербик. Тој не се појави на аеродромот пред качувањето за Катар. Ноќта пред тоа, спиеше кај мене во Мадрид. Ми рече дека утрината ќе отиде во Сиудад Реал да се спакува. Ама не се врати.
Знаевме дека преговара со Барселона. Талант ми рече да тргнеме без него. Во Доха разбравме дека потпишал. Се вративме со трофеј, а нашиот најдобар играч веќе стана адут на нашиот најголем ривал. Тоа беше првиот знак дека клубот се распаѓа.
На денот на финалето во Доха, дознав дека татко ми почина. Татко беше потежок отколку што треба. Од како престана да игра не живееше спортски. Претеруваше со друштвото. Доживеал мозочен удар. Тоа се случило 4-5 дена пред мојот пат во Доха. Ги прашав докторите дали е опасно и бев подготвен да дојдам во Македонија и да го откажам мојот настап во Супер Глоб. Докторите ми рекоа да не се грижам. Одело на подобро. Почнал да зборува. Го изгубил гласот и памтењето, ама имало позитивни придвижувања. Околу 6 часот наутро зазвони телефонот. Беше тоа Филип. Ми соопшти дека тато починал.
Татко ми преемотивно сфаќаше сè што беше врзано за мојата кариера. Постојано некому докажуваше, а тоа не треба да се прави во животот. Со години се обидував да влијаам на него во таа смисла. Знаевме дури и да се скараме, верувајќи дека работите кои ги зборував се за негово добро. За жал ни кај дете од 10 години не можеш некои работи да смениш, а камоли кај човек кој има свои навики. Нему му беше убаво.
Живееше со нас, спортот и ракометот. Го доживеа Вараждин и сета таа еуфорија на излегувањето на голема сцена после 10 години. Беше водач на патот за 60 луѓе, цел автобус одеше од Свети Николе. Таткото на Лазаров. Горд. Ја доживеа и Србија 2012. Му зборував да остане во Ниш во хотелот, да не се малтретира, да се враќа и да доаѓа за секој натпревар. Не сакаше. Поголемо задоволство му беше времето да го помине со своето друштво, да ја доживее атмосферата во автобусот патувајќи скоро секој ден на релација Скопје - Ниш, а подоцна и до Белград.
Три месеци подоцна се скаравме кога одлучи со автобус да тргне за Шведска за квалификациите за Олимписките игри. РФМ организираше чартер лет за пријателите на Федерацијата и семејствата на играчите. Не. Тој сакаше цела Европа да ја помине со автобус за да дојде да гледа три натпревари за три дена.
„Чекај, Шведска е тоа, не е пат до Ниш“.
„Не, одам со бус“.
Беше неуморлив, Уживаше. Се сликаше со Перез, Наѓ, Ким Андерсон. Уживаше во улогата на татко на браќата Лазарови. Телото се трошеше. Луѓето во тие години треба да бидат попаметни, ама обично не сфаќаат. На крајот изгледа тоа така треба да биде. Колку и да повнимававме на него, не можеше да гопазиме 24/7. Криво ми е . Се обидував да му помогнам. Не беше болен, ама не се пазеше. Да беше поинаку и денес би бил жив. Некогаш себеси сме си најголеми непријатели.
Седев во собата и плачев. Дојде време за појадок. Слегов во реаторанот, се пријавив на тренерот и се вратив во соба. Талант ми даде слободно за да одлучам дали ќе играм или ќе отидам во Македонија. Останав. Победивме. Победив. За него.
РАЗДЕЛБА
Кон крајот на 2012 година беше видливо дека Атлетико Мадрид беше само сенка на некогашниот моќен Сиудад Реал. Живеевме во илузија дека со освојувањето на титулата нешто ќе покренеме во шпанската престолнина. Атлетико се врати во ракометот, имаше најави, се смислеше дека фудбалскиот клуб ќе даде пари, ама се осеќаше дека тоа не е тоа. Нови играчи избегнуваа да доаѓаат во клубот. Дојде и декември 2012-та, кога Талант ме повика и ми рече.
„Слушај Киро, немаме пари. Имаш договор до летото 2014-та, ама мора да ја подмладуваме екипата. Ти си еден од најскапите играчи, мораш да го напуштиш Мадрид“.
Неговиот 20 годишен син Алекс се подготвуваше да дојде од Логроњо. Тоа е се кариера. Колку и да си добар и на кое ниво си играл, колку и да уживаш во спортот и животот, повторно доаѓаш во ситуација да мораш да се селиш против своја волја. Влегов во 33-та година. После три години во таков клуб, беше време за нешто ново.
Ја прифатив таквата ситуација. Имаше многу поекстремни примери. Штербик планираше да остане и живее во Сиудад Реал. Купи и куќа, а доживеа клубот да се угаси.
БАРСА
Набрзо дојде и СП 2013 во Шпанија. Тргнав во потрага на нов клуб. Групата ја игравме во Севиља, а до „Сан Жорди“ во Барселона стигнавме на меч на осминафиналето против Германија. Одигравме доста силен натпревар, имавме приклучок до самиот крај. Барса покажа интерес, а добрите партии на тоа првенство беа потврда дека преговорите можат да почнат. Договорот падна некаде во март. На Талант не му беше право. Не му беше мило што одам во редовите на директниот ривал. Се зборуваше дека Атлетико ќе опстане и ќе игра во ЛШ.
Подготвуваа подмладена и далеку поевтина екипа која требаше да почне одново. Во јули е објавено дека клубот се распаѓа. Атлетико Мадрид банкротира. Играчите како Калман и Парондо мораа во текот на летото да тргнат во потрага за нови клубови. А јас, непланирано, морав да одам. Овој пат во местото каде ќе ги досонувам сите мои соништа.
Сиудад Реал, клубот во кој Кире се препородил и посакал да може некој да го клонира