Единствената жена која е главен тренер во машка сениорска конкуренција во Македонија е Будимир. Почна со подмладокот на Вардар, а сега го води новоформираниот Скопје во Прва лига.
Освен за сегашната нејзина улога која ја работи со голема страст, легендарната ракометарка во интервју за 24 ракомет се навраќа на нејзините играчки денови во Кометал за која вели дека и е вечна љубов.
Ја освои европската титула прво со нив, па со Шлагелсе 2004-та, а во Кометал и рекле дека е мала за парите кои ги бара за да остане на Кале и покрај тоа што сумата била смешна. За трансферот пак во Данска и се поставиле скроз обратно.
„Трансферот во Кометал е шанса која на играч еднаш или два пати во кариера може да ти се случи и која треба да знаеш да ја искористиш. Слаѓана Дрониќ која беше прв играч на мојата позиција во тогашниот мој клуб Напредак Крушевац се повредува на една недела пред дуел со Кометал во ЛШ и јас морам да играм. На двата натпревари имав по 10 гола и тоа ми го донесе трансферот. Кометал го елиминираше Напредак, а јас станав нивни играч. Но тоа е спортот, на еден ќе му се стемни, на друг ќе му се раздени.
Во Кометал ги минав најубавите години во мојата кариера, тоа е љубов засекогаш. Тие играчи со кои играв ме направија и мене играч. Имав и потоа одлични сезони, но ништо не може да се спореди со Кометал. Знаете, не сакав да си одам од Кометал, тука се чувствував како дома, многу ми беше убаво, но со Вања Бојков не можевме да се договориме за смешна цифра. За 5.000 марки беше проблемот и отидов во Подравка за три пати повеќе отколку што барав во Кометал. Јас реално не знаев ни колку вредам, додека не заминав. Парите не ми беа приоритет, сакав да останам, но истовремено сакав и да ме ценат, без оглед што бев млада. Тој ми велеше тоа се многу пари за тебе, мала си“, раскажува Будимир во интервјуто на првиот специјализиран сајт за ракомет во Македонија“.
Од Подравка замина во Шлагелсе, за што смета дека ја направила најголемата грешка во кариерата без разлика на големата плата. Таму не и дале понуда, туку и извадиле лист да ја напише сумата која ја бара.
Но потоа се разочарала од многу работи во Данска. Само три пати неделно тренирале, а легендарната Андерсон се поставувала понижувачки спрема противниците.
„Паметам беше септември и само што почнавме со Подравка подготовки за нова сезона, ми се јавува Ања Андерсен и ми вика сакам да дојдеш да играш за мене. Дојде со еден чуден тип со наочари и компјутер. Ми рече дека знае каков квалитет на играч сум и ме праша само колку пари сакам. Се обидував да и објаснам дека имам договор со Подравка, дека ова е само старт на сезона и има време до следната, но таа не сакаше да слуша. Ми подаде лист хартија за да напишам износ и јас од ракав истресов цифра со која се надевав дека ќе успеам да пролонгирам. Таа ја погледна цифрата, се консултираше со човекот што беше со неа, ми рече договорено и на лице место го искуцаа и испечатија договорот.
Не ми се веруваше затоа што тоа беше износ со кој машките ракометари беа платени во тоа време. И сега одново доаѓам до моментот дека не е сè во парите. Во Данска ништо не се тренираше, три пати неделно имавме тренинг, на почетокот не држеше тоа што сме работеле од порано, но потоа дојдоа повреди, ладно, без сонце, долги денови, ужасен живот. Освоивме Лига на шампиони само затоа што кремот на европскиот женски ракомет во тоа време беше собран во Шлагелсе. Му се јавив на менаџерот и му реков дека ќе играм и за без пари ако треба само да си одам од таму. И така отидов во Шпанија. Ако не се вратев во Македонија, сигурно таму ќе оставен да живеам.
Ања Андерсон сакаше секого да понижи, затоа и си заминав од клубот. На загревање носевме маици на кои и напред и позади стоеше натпис на англиски: `Навикни се, ќе загубиш`. Таа за тоа велеше дека е психолошки момент, но за мене беше понижување. Од мене и од Бојана Поповиќ бараше да дадеме гол со глава. Велеше `Не ме интересира која на која ќе нафрли, постигнете гол со глава`. Кога ја прашувавме зошто, таа велеше `Затоа што ми се може`. Без разлика што со Шлагелсе освоив титула во ЛШ и што имавме сè од пиле млеко, тоа е најголема грешка во мојата кариера. Во тоа време имавме и наш паркет. Замислете паркет. Тој патуваше два дена пред нас со мајстори каде и да игравме низ Европа. Никому не му пречеше тоа затоа што паркетот имаше амортизација и сите сакаа да играат на таква подлога. Но, не е се во парите“.
Целото интервју на Будимир го имате тука.