На тактиката на Лино Червар со седуммина ракометари во напад и без голман му одговори и стариот ривал Вујовиќ кој ја практикуваше речиси на целиот меч и на крај заслужено славеше за три од три на Светско ракометно првенство.
Македонија не беше онаа истата од дуелите против Тунис и Ангола. Тргна слабо уште на стартот и не успеа да се подигне ниту играчки, ниту психолошки во ниту еден период од средбата.
Во 10 минута Словенија имаше 5:2, а во 20-та 11:6, резултати кои уште на стартот покажаа дека на Македонија не и оди.
Избраниците на Лино Червар правеа многу грешки, играа слабо во одбрана и често пати гаѓаа во дирекот, а згора на се имаа пред себе и расположен голман, Матевж Скок кој беше прогласен за играч на натпреварот со 14 интервенции. Дополнителен проблем беше повредата на Миркуловски уште во 4 минута кој се врати на терен, но потоа беше поштеден.
На полувреме имавме негатива од 16:10, а кога во вториот дел Словенците фатија уште посилен ритам и стигнаа до највисоки +9 изгледаше како да нема назад. Резултатот се движеше од +8 до +9, а на крајот балканското дерби заврши 29:22.
Червар им даде простор на оние кои до сега немаа минутажа и на листата на стрелци се запишаа дури 11 македонски ракометари. Најпрецизен играч на мечот беше Кире Лазаров со 8 погодоци но со реализација од 50%.
Македонија сега падна на третата позиција, а во среда со почеток од 20:45 го игра четвртиот меч против силната Шпанија.