На стадионот Аптон Парк и во неговата околина доволно е да кажете баба Мејбл и сите ќе се насмевнат. Најстарата навивачка на Вест Хем неодамна наполни 100 години, а омилениот клуб и направи прием по тој повод. Кога нема да се појави на стадионот, сите се загрижени и го прашуваат нејзиниот син Греем дали е се во ред.
„Знаете, ние го имаме тоа чувство на заедништво кое оние големите клубови како Арсенал го немаат. На стадионов едноставно сме како семејство“, вели госпоѓа Арнолд Мејбл која за првпат го видела Аптон Парк во далечната 1934. година со тогашното нејзино момче Ричард.
Мејбл важи за историска личност во Вест Хем.
„Имав 19 години кога првпат влегов на стадионот. Не можев да одбијам, немав избор и така почнав да навивам за Вест Хем“, вели баба Мејбл.
Таа гледала околу 2.000 домашни средби, а на трибините била и за време на Втората Светска Војна кога на Англија и се заканувало нацистичко бомбардирање.
„Многу луѓе тогаш ме прашуваа што ќе се случи ако тргне воздушна опасност за време на натпреварот и ако почнат да паѓаат бомби. Им одговорив дека ако е судено да умрам така, нека тој стадион биде место на кое што би била во тој момент“, раскажува храбрата Арнолд.
Ричард умрел пред 30-ина години, но таа продолжила да ја следи традицијата и да оди на Аптон Парк. Од многуте анегдоти поврзани со клубот се сеќава на онаа кога танцувала со легендарниот капитен и веројатно најпознатиот играч во историјата на Вест Хем, Боби Мур.
„Ме праша дали сум за танц, му се извини на мажот ми кој беше професионален танчер, а и јас танцував одлично. Ричард дозволи и танцувавме. Нашиот капитен Боби беше очаен танчер, имаше фудбалски движења, а тоа не е баш за подиум“, се смее баба Мејбл.
Нејзиниот сопруг едно време бил вработен во младиот тим на Вест Хем, се занимавал со администрација и таа ги знаела сите играчи на кои некогаш им готвела чај. Има сезонска карта за Вест Хем, многу возбудливо гледа фудбал и вели дека губи контрола.
„Син ми редовно ме опоменува дека многу пцујам, а тоа ме нервира“, додава Арнолд Мејбл која прослави 100 години на дуелот со Кристал Палас, со овации од преполниот Аптон Парк.
Во однос на новиот стадион, таа е задоволна.
„Овој стадион е живот, но го сфаќам развојот. Се опростивме од Аптон Парк против Јунајтед. Не се сложувам со навивачите кои се лути и тврдат дека ни го земаат клубот. Едноставно, мораме понатаму, клубот секогаш ќе биде Вест Хем и додека сум жива ќе го бодрам каде и да игра. На нашиот клуб сме му потребни и тие нам, така одат работите“, заклучи на крајот Мејбл.
Вест Хем од следната сезона ќе игра на Олимпискиот Стадион во Лондон кој го изнајмија на 99 години, а Аптон Парк кој постои од далечната 1904. година ќе оди во историјата.