Заедничка кореографија за Вардар

Големото македонско ракометно дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е закажано за во недела, со почеток во 17:45 часот. Домаќините најавуваат гигантска кореографија низ цела сала.

„ЗАЕДНИЧКА КОРЕОГРАФИЈА ЗА ВАРДАР

Заедно со нашата верна н.г. „Комити Запад” одлучивме македонското ракометно дерби во недела да го збогатиме со кореографија низ целата сала, која во знак на поддршка на тимот на терен, заеднички ќе ја создадат сите навивачи на Вардар во салата!

За таа цел ги замолуваме сите илјадници наши навивачи кои во недела ќе го бодрат Вардар од трибините, да бидат на своите места најдоцна 15 минути пред почеток на натпреварот.

Покрај тоа, најљубезно ве замолуваме поставените работи на вашите столчиња, кои се дел од кореографијата да не ги преместувате или кревате предвреме, без да добиете знак од лицата задолжени за координација.

Да уживаме во ракометната игра во недела и во пеколниот амбиент кој заеднички ќе го создадеме, за нова важна победа на Вардар“.

30 октомври 2026 - 09:29