По пишувањето на Мирор, Англиската фудбалска асоцијација (ФА) сериозно размислува финалето на ФА Купот на „Вембли“ на 1. август да се игра пред 20.000 гледачи. Лондонскиот фудбалски храм има капацитет од 90.000 седишта но ФА смета дека 22% од вкупниот капацитет би можел да биде дозволен за старт на фудбалот со навивачи.
Во Чешка веќе се игра фудбал со навивачи на трибините. Клубот Прибрам реши да дозволи влез на 300 навивачи кои имаат сезонски билети. Но овој клуб се бори за опстанок, така што не успеале да се соберат 300 луѓе.
Претходните пар кола во Чешка беше дозволен пристап до паркинзите на стадионите каде секој кој поседува сезонска карта можел да си одбере место каде ќе паркира и од својата кола на видео-бим ќе го гледа мечот на својот клуб.
Во Србија веќе денес од 2. јуни ќе се игра натпревар од Купот со присуство на максимум 1.000 гледачи (Инѓија - Црвена Звезда).
Премиерот на Полска, Матеуш Моравецки на една од прес-конференциите соопштил дека од 19 јуни на стадионите ќе дозволат влез на 25% од вкупниот капацитет.
Во Италија на големо се разгледува варијантата за фудбал со ограничен број на гледачи на трибините. Според последниот указ од 18 мај, ќе биде дозволен влез на 300 гледачи во затворени сали и 1.000 гледачи под отворено небо (стадиони).
Но фудбалот и школите и натаму се затворени.
„Или отворете сè или оставете сè под забрана. Правилата на безбедност се применуваат како на стадион така и за гледачите на опера. Очигледно е дека во обата случаи треба максимално ригорозни правила. Никакви попуштања. Каква е разликата да има настани на отворено како фудбал а да нема гледачи на отворено“, вели Марија Рита Гисмондо, вирусолог од Миланскиот универзитет и директор на клиничка микробиологија, вирусологија и дијагностика во болницата Сако во Милано.
Претседателот на Лече, Саверио Стичи Дамјани вели дека во јуни би можело да се отвори третина од капацитетот на стадионите.
Кориере дело Спорт објаснува дека просечната ширина меѓу столиците на стадионите е 45 сантиметри и дека ако се раздвои еден навивач на три столчиња, тогаш растојанието меѓу гледачите ќе биде минимум 90 сантиметри и така ќе се одржи социјалната дистанца.
„Нашиот стадион собира околу 30.000 гледачи, ако дојде секој трет ние можеме да пуштиме 10.000 луѓе. Имаме 20.000 сезонци и може да им дозволиме влез со држење до сите мерки на сигурност“, вели првиот човек на Лече, чиј клуб нема да игра во најдоцните термини (Серија А објави дека ќе се игра во сосема поинакви термини од досегашните кои беа во 15 часот).
Претседателот на Јувентус Андреа Ањели е помалку оптимистичен па предлага постепено враќање на навивачите. Според него 10% да се вратат од средината на јули, а до есента постепено да се зголеми количеството до 25%.
Ла Лига наскоро ја почнува сезоната и сака да заврши до 12 септември со делумно присуство на гледачи. Таму се уште се чека одлука од шпанското Министерство за здравство според кое неофицијално од 12 септември стадионите ќе може да пуштат 30% од капацитетот за гледачи, во ноември 50% а до Нова година со полн капацитет.
Во Премиер лига најверојатно нема да има навивачи на стадионите до крајот на оваа сезона иако финалето на Купот би можело да се игра пред 20.000 (од можни 80-90.000 на Вембли).
„Никој не знае кога натпреварите ќе бидат со гледачи, но во Премиер лигата и клубовите и водството се оптимисти за тоа дека од следната сезона ќе ги видиме навивачите на стадионите. Тоа може да се случи етапно“, вели првиот човек на Премиер лигата Ричард Мастерс.
Сево ова е во доменот на нагаѓање, затоа што повеќето европски лиги се држат до условите: ако коефицентот на заразени во земјата опадне до 0,5%. Во Британија во моментов коефицентот на новозаразени варира од 0,7 - 0,9%.
„Кога власта ќе дозволи да се вратат навивачите, тоа ќе го правиме постепено. Вембли во тој план е идеална варијанта, затоа што е голем стадион каде лесно се управува со толпа“, рекол чиновник од ФА.